четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Преку 5.000 мотоциклисти од земјава и од странство на меѓународниот мотофестивал на...

Преку 5.000 мотоциклисти од земјава и од странство на меѓународниот мотофестивал на „Аџитепе“  

8

Повеќе од 20.000 посетители и преку 5.000 мотоциклисти од земјава и од странство очекуваат организаторите на осмото меѓународно издание на мотофестивал што ќе се одржи од 12 до 14 јуни на спортскиот аеродром „Аџитепе“ во Куманово.

Од мотоклубот „Мечки“ информираа дека подготовките за фестивалот се во завршна фаза и најавија дека годинашнава програма ќе биде најбогата досега.

Столе Јакимовски, потпретседател и член на мотоклубот, изјави дека, со текот на годините, фестивалот прераснал во препознатлив настан не само во државата туку и во регионот и пошироко во Европа.

–Годинава, клубот одбележува 18 години постоење. Од година во година, посетеноста на фестивалот расте и се стремиме кон уште поквалитетна организација и побогата програма – рече Јакимовски.

Тој најави дека фестивалот ќе почне со вечерна музичка програма, додека на 13 јуни ќе се реализираат бројни активности наменети за сите генерации.

Од клубот посочија дека годинава ќе настапат бендови од повеќе европски држави, меѓу кои од Шпанија, Италија и Србија, како и домашни авторски и локални и странски рок-бендови.

Секретарот на клубот, Давор Петрушевски, наведе дека се очекува присуство на гости од повеќе држави од регионот и Европа, меѓу кои Бугарија, Грција, Словенија и Австрија.

Организаторите потсетија дека групата „Ван Гог“ има снимено песна посветена на мотоклубот „Мечки“, која, како што истакнаа, прераснала во своевидна бајкерска химна и ќе биде претставена и на фестивалот.

Oрганизаторите апелираа до младите мотоциклисти и учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила, да користат заштитна опрема и одговорно да управуваат со мотоциклите за да помине настанот безбедно и во најдобар ред.

 

 

ИЗДВОЕНИ