Неколку лица загинаа денес, во пад на мал авион во близина на спортскиот аеродром Медулин во Хрватска, а околностите на несреќата сè уште се утврдуваат, објавија хрватските медиуми.
Според искусниот пилот Нијаз Делиќ, авионот од непознати причини се вртил спирално за време на приближувањето кон аеродромот и се урнал во областа во близина на депонијата Каштијун. Авионот се урнал во областа Кампанож, објавува „Јутарњи.хр“.
Пилотот Делиќ вели дека сè уште не знае што претходело на несреќата, но дека луѓето во авионот дошле од Австрија и дека леталото требало да слета на спортскиот аеродром Медулин.
„Зборуваме за луѓе кои дошле од Австрија. Не знам како се случила несреќата. Од причини што ми се непознати, пилотот, кој инаку е искусен и кој требало да слета на спортскиот аеродром Медулин, направил спирала над депонијата Каштијун и се урна во земјата. Тоа се единствените информации што ги имаме“, рече Делиќ.
Извештајот за несреќата е примен во 11:18 часот, а сите служби за итни случаи веднаш биле испратени на местото на настанот.
„На 4 јуни, во 11:18 часот, е примена пријава за пад на мал авион во областа Кампанож, во близина на аеродромот Медулин. Извештајот е потврден, сите служби за итни случаи, полиција, брза помош и пожарникари, се на местото на настанот и преземаат мерки и активности во рамките на нивната надлежност“, соопшти Полициската станица во Пула.
„Индекс.хр“ дознава дека четири лица загинале, а дека се трага по уште две. Околностите на несреќата сè уште се утврдуваат.












