четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Движење ЗНАМ: Изјавите на Пендаровски отвораат сомнежи дека правдата се креирала во...

Движење ЗНАМ: Изјавите на Пендаровски отвораат сомнежи дека правдата се креирала во политички кабинети

5

Од изјавите на поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски во емисијата „360 степени“ граѓаните слушнаа признание дека во највисоките државни кругови се разговарало за прашања кои треба да бидат исклучиво во доменот на независните институции и владеењето на правото, оцени денеска Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Партискиот портпарол Никола Мемов на прес-конференцијата рече дека тоа е сведоштво на поранешен шеф на државата за начинот на кој биле носени одлуки што директно влијаеле врз правниот поредок, функционирањето на институциите и довербата на граѓаните во државата.

-Прашуваме: Дали во изминатиот период државните интереси биле потчинети на политички договори помеѓу СДСМ и ДУИ, дали измените на Кривичниот законик биле дел од однапред договорен политички план на СДСМ и ДУИ за заштита на поединци од кривична одговорност, по барање на Никола Груевски, дали сето тоа е нотирано на фамозното УСБ стикче кое патувало на релација Будимпешта-Скопје, дали правдата се креирала во политички кабинети наместо во судници и институции и со што најважните правосудни процеси во државата биле предмет на политичко договарање наместо на законска постапка – потенцира Никола Мемов.

Движењето ЗНАМ смета дека Македонија не може да гради европска иднина доколку останат неодговорени сомнежите дека во минатото политички центри на моќ одлучувале кој ќе одговара пред законот, а кој ќе биде заштитен од одговорност.

-Затоа бараме целосно и транспарентно објавување на сите факти и информации поврзани со овие средби и разговори, надлежните институции да ги разгледаат сите наводи и да утврдат дали постојат елементи за политичка, институционална или кривична одговорност, а СДСМ и ДУИ јавно да одговорат дали и во кој обем учествувале во политички договори поврзани со измени на Кривичниот законик и прашања од областа на правосудството. Обвинителството и другите надлежни органи да утврдат дали постоеле координирани активности кои влијаеле врз владеењето на правото и независноста на институциите – нагласи Мемов додавајќи дека довербата во институциите може да се врати само преку вистината, одговорноста и еднаквоста пред законот.

Одговарајќи на новинарско прашање дали се очекува реконструкција на министрите на ЗНАМ во Владата тој одговори дека „не очекува никакви измени во делот на ресорите“.

-Присуството на ЗНАМ во Владата не зависи од персоналниот состав на луѓето кои се претставници во извршната власт. Органите и телата на ЗНАМ направија евалуација на работата на сите јавни функционери и генерално ние сме задоволни од нивниот учинок во делот на спроведувањето на владината програма. Мерит системот покажа дека ниту еден функционер не отстапува од програмските определби на владата и се држи до имплементација на тие програмски определби во перманентна координација со Премиерот. Не очекувам никакви измени во делот на ресорите – појасни Мемов. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ