Со премиера на „Мачкина глава“ по текст на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски, Драмскиот театар – Скопје вечерва свечено ќе го одбележи својот јубилеј, 80 години од првата куклена претстава „Силјан Штркот“, одиграна на 21 април во 1946 година. „Мачкина глава“ е 461. премиера во 80-годишното постоење на Драмски, најрелевантната македонска театарска куќа, со освоени бројни награди и признанија во бившата федерација и во Република Македонија и одликуван од двајца претседатели, Театар низ кој поминале плејада врвни македонски актери, режисери, драмски писатели, театарџии, каде што се одиграле култни претстави, кои повозрасните генерации сè уште ги паметат.

– На денешен ден, пред точно 80 години, на сцената на тогашниот Македонски народен театар, по формирањето на куклената сцена, е одржана премиерата на претставата „Силјан Штркот“, работена по мотиви на Марко Цепенков, а во режија на Петре Прличко. Ова е претставата од која денешниот национален Драмски театар – Скопје ги влече своите почетоци. Немам точен историски податок, но верувам, бидејќи е куклена претстава, сосема е можно токму околу 10 часот таа претстава да се играла на сцената на Македонскиот народен театар, рече директорот на Драмски, Роберт Вељановски, на денешната прес-конференција која се одржа во повод големиот јубилеј.
Пред новинарите Вељановски даде краток осврт и за историјата на Драмскиот театар: Од 1946 до 1949 година, опстојува како Куклена сцена при МНТ, а во 1949 година прераснува во самостојна установа со називот Градски куклен театар во тогашната Женска гимназија. 1958 е клучна година кога на сцената, покрај куклите, почнуваат да настапуваат и живи актери. Театарот го добива името Младинско-детски театар. Во 1965 година, Театарот се вселува во сегашниот објект во населбата Карпош 2 и го добива името Драмско-младински детски театар, а во 1967 – институцијата официјално станува Драмски театар Скопје.

По повод јубилејот, вечерва, во 20 часот, ќе има праизведба на „Мачкина глава“, по драмскиот текст на Венко Андоновски, што парадигматично реферира на култното „Диво месо“ и е посветена на великанот на македонското драмско творештво, Горан Стефановски, кој своите театарски почетоци ги имаше токму во Драмски.
– Живееме во луд свет, односно во свет кој страда од шизофренија. Ако порано шизофренијата се лекуваше на индивидуално ниво, во овој свет таа е колективна појава. Војните се враќаат, а тие секогаш се знак на шизофренија. Тој свет не заслужува никаков друг коментар, освен театарска претстава. И мојата „Мачкина глава“ е, всушност, еден крик над овој свет, рече авторот Андоновски на прес-конференцијата.
Посочи дека текстот се вика „Мачкина глава“ затоа што иако се обидувал да ја запомни физиономијата на мачките, тие, всушност, не се разликуваат.
– Тие сите имаат речиси иста физиономија и освен мјаукањето, ништо друго како јазик од нив не можете да чуете. Ми се чини дека планетата се претвора во една таква мачкина глава која апсолутно нема свој јазик. А кога нешто нема свој јазик, станува бесловесно (без слово), рече тој.

Истакна дека преку текстот се обидел да се праша: Кога сега нашиот голем гениј Горан Стефановски би го пишувал „Диво месо“ дали воопшто тоа би било можно?
– Ги задржав основните драмски конфликти и направив една постмодерна рециклажа, но овде има многу мои, индивидуални содржини бидејќи светот многу се измени од времето кога Горан го правеше своето „Диво месо“. Но разочарувачки е дека тоа што Горан го кажа во „Диво месо“ сега е десеткратно зголемено и потрагично, истакна Андоновски.
Прашан кога е напишан текстот, тој посочи дека во 2022 година „Мачкина глава“ добива награда на „Еуродрам“, а само по неколку месеци, почнува и војната меѓу Русија и Украина.
– Во текстот се споменува Русија, како место каде што се учело театар и уметност. И едниот лик е инспициент кој завршил режија во Русија. Сакав да го покажам конфликтот Исток – Запад. Сакав да покажам дека, исто како кај Горан Стефановски, ние сме една граница која не треба да си го избира џелатот. Мислам дека треба да останеме граница. Не да останеме конзервативни, глупави, непросветени, меѓутоа преземањето некритички идентитети од граничарите се вика подмитување и тогаш стануваме митница. Бидејќи граничните култури на Балканот не стекнуваат идентитет во однос на Исток и на Запад, туку тие (Исток и Запад) стекнуваат идентитет по однос на таа граница која е нешто трето и која треба како таква да биде прифатена, а не препитомена, декултурализирана, и повторно вовлечена од една од страните, додаде Андоновски.

Истакна и дека оваа претстава првпат ќе ја гледа заедно со публиката, вечерва на премиерата, заради довербата што ја има и во актерската екипа и во режисерот Пројковски.
Како што истакна, пак, режисерот Пројковски, претставата започнува со основната идеја – Можно ли е денес да се напише „Диво месо“ и како би изгледало?
– Ова е голема референца и една од идентитетските точки во македонскиот театар. Претставата се обидува да прави деконструкција на „Диво месо“ и преку текстот да ги видиме работите денес. А мојата работа беше на две нивоа. Прво, светот што го живееме денес и прашањето дали е ова истата цивилизација која напишала генијални дела и музика, а најдобро и најлесно произведува војни. И да се прашаме зошто и како човештвото се претвори во најголема фабрика на производство на детски солзи. Тука е и вечната борба меѓу Истокот и Западот и постојаната наша борба да заземеме страна, заборавајќи дека само го избираме џелатот. Во претставата се прашуваме зошто тоа се случува и иако мислиме дека се достигнати крајните граници на човечката лудост, следниот ден има веднаш демант на тоа. Од друга страна, претставата се занимава со индивидуата, со малиот човек, како што би рекол Чехов, распнат меѓу страстите, желбите и соништата. Во претставата стигнуваме и уште до една тема на Горан – летот во место, кој ни се случува додека се занимаваме со Истокот и со Западот и забораваме на човечкиот живот сега и тука, на малите работи кои се, всушност, важни, а тоа се личната среќа и љубовта. И секако, едно од важните прашања во претставата е сизифовското тркалање на каменот. Кога ќе стигнеме до врвот и кога мислиме дека сме ги сфатиле работите, повторно почнуваме од почеток. И зошто никој ништо не научил и зошто секогаш секоја нова генерација ги започнува одново истите работи, истите глупости… објасни Пројковски.
Додаде и дека за него, Драмски е особено значен бидејќи во овој театар е и неговата прва професионална претстава „Падот на невиноста“, а потоа следуваат и „Јонадаб“, „Хамлет“, „Генетика на кучињата“, „Кармен“, „Падот на Масада“.

Во претставата „Мачкина глава“ играат актерите Рубенс Муратовски, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Сара Климоска, Игор Ангелов, Сања Арсовска, Златко Митрески и Предраг Павловски.
Рубенс Муратовски, пред новинарите истакна дека кога се подготвува претстава, најважна е довербата меѓу актерите и режисерот за да направи најдоброто можно дело.
Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, пак, рече дека првпат игра во претстава по текст на Андоновски, што ѝ претставува голема чест.

– Во претставата има неочекувани пресврти, возбудата е голема, истакна Драгиќевиќ-Пројковска, која додаде дека присутните кои биле на претпремиерата биле воодушевени од изведбата.
Актерката Сања Арсовска, пак, им се заблагодари на сите оние што во 80 години придонеле на каков било начин за Драмскиот театар за тој да може да дише, да живее, преку крв, пот, збор на оваа сцена.
– Ние живееме во паралелни светови, а тоа што во глобалното лудило не се шетаме во лудачки кошули по улица, не значи дека не сме луди, рече Арсовска.
Актерот Александар Степанулески пред новинарите раскажа, како што рече, една своја лична приказна: „Баба ми Роса, на мои 15 години, ми рече: ‘Внучко, гледај гајрет на душата да ѝ даваш, да не ти се расипи глаата, после сите проблеми се осеќаат’. И мислам дека ја сфатив и дека беше ептен во право“. И актерката Сара Климоска проговори за убавото искуство при работата со режисерот Пројковски.
Во уметничкиот дел од тимот, пак, се сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, а музиката е на Горан Трајкоски.
По денешнава праизведба, претставата „Мачкина глава“ ќе биде на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје веќе на 25 и 30 април. (Н. И. Т.)
Фото: Драмски и П.Стојановски












