
Британскиот крал Чарлс III ѝ оддаде искрена почит на својата мајка, покојната кралица Елизабета II, во видеопорака по повод нејзиниот 100. роденден. Неговото трогателно оддавање почит на 21 април се случи откако беше откриен конечниот мастер план за споменик на кралицата, која важи за монарх со најдолг стаж во Обединетото Кралство.
– Денес, кога го одбележуваме 100. роденден на мојата сакана мајка, моето семејство и јас застануваме да размислиме за животот и за загубата на владетелката што ни значеше толку многу на сите нас и повторно да ги прославиме многуте благослови од нејзиното сеќавање – рече тој.
Кралот, исто така, посочи дека ќе ја паметат милиони по моментите од национално значење, многу други по минливата лична средба, насмевката, љубезниот збор што го подобрил расположението или по прекрасното трепкање со окото кога делеше сендвич со мармалад, со Падингтон Бер, во последните месеци од својот живот.
Кралицата Елизабета почина на 96-годишна возраст, во септември 2022 година, по 70-годишно владеење.
Во чест на стогодишнината од раѓањето на кралицата Елизабета, кралското семејство оваа недела планира повеќе настани. При посета на музеј во Лондон во вторникот, на кралското семејство му беше покажан модел на бронзена статуа на која кралицата е прикажана како млада, облечена во церемонијална облека. Инспирацијата за статуата, која е дело на скулпторот Мартин Џенингс, доаѓа од прославениот портрет на кралицата што го насликал италијанскиот уметник Пјетро Анигони во 1955 годна. Комбинираната статуа со основа висока 7,3 метри ќе биде поставена на влезот од меморијалниот споменик во паркот „Сент Џејмс“ во Лондон, во близина на Бакингемската палата, кој ќе биде дополнет со помала статуа на нејзиниот покоен сопруг, принцот Филип, кој гледа во неа, облечен во својата поморска униформа. Планирана е и реконструкција на мостот во паркот, со дизајн инспириран од тијарата на кралицата.
– Нацијата ќе го одбележи нејзиното извонредно владеење со споменик што нуди место за размислување за идните генерации – рече премиерот Кир Стармер во соопштението.
Поширокиот меморијален проект по повод 100-годишнината од раѓањето на кралицата Елизабета во наредните две години ќе биде дополнет со дигитална платформа, каде што граѓаните ќе можат да оставаат пораки во нејзина чест.
Кралицата Елизабета е родена на 21 април 1926 година. Воопшто не се очекувало да биде крунисана, а на престолот ја донел сплет околности. Нејзиниот чичко, Едвард VIII, абдицирал во 1936 година за да се ожени за двапати разведената Американка Волис Симпсон, по што бил крунисан неговиот брат, таткото на Елизабета. Наскоро тој починал, па на престолот седнала Елизабета, на возраст од 25 години.











