Пожарите во три јужни турски провинции – Анталија, Адана и Мерсин – сè уште не се под контрола, а пожарникарите континуирано работат на терен, бидејќи огнот на некои места гори веќе два дена, јави државната новинска агенција Анадолу. Управата за шумска служба соопшти дека шумските пожари во Анталија и Мерсин се намалени по интензитет, додека во Адана се прават максимални напори против пожарот кој сѐ уште гори.
Силниот ветер во регионот предизвикува огнот дополнително да се шири. Во гаснењето на пожарот, покрај три авиони и девет хеликоптери, учествуваат 165 противпожарни возила и повеќе од 1.000 луѓе.
Причината за пожарот засега не е позната. Шумските пожари се вообичаени во Турција во текот на летните месеци, поттикнати од долгите периоди на суша и силни ветрови.
Пожарникар загина при гаснење шумски пожар
Пожарникарот доброволец Хасан Кахја почина денеска во Турција додека им помагаше на локалните служби за вонредни состојби да го изгаснат големиот шумски пожар во медитеранската крајбрежна провинција Анталија. Тој доживеал срцев удар откако вдишал чад, а подоцна починал во болница, изјави градоначалникот на областа Иса Јилдирим.
Во понеделникот избувна пожар во областа Аксу во Анталија; поттикнат од силниот ветер, тој брзо се прошири кон соседната област Кепез, принудувајќи стотици жители да ги напуштат своите домови. Две лица беа хоспитализирани во вторникот поради изгореници, додека на шест други им беше укажана помош поради вдишување чад.












