Пожар на електрична инсталација утрово околу пет часот предизвика паника и страв во нова станбена зграда во скопската населба Кисела Вода. Густиот чад, детонациите и тропање на полицијата на вратите ги разбудиле станарите, кои во паника ги напуштале своите домови.
Според жителите на зградата се запалила електрична инсталација која, како што тврдат, била поставена пред извесен период.
Чадот за неколку минути го исполнил влезот на зградата, а се слушале и силни детонации. Во паника, семејства со мали деца трчале по скалите за да излезат надвор.
Во моментов зградата е без електрична енергија, на местото на настанот утрово е присутна и полиција, а се очекува надлежните служби да ги утврдат точните причини за пожарот и евентуалната одговорност за настанатата штета.












