Со потпишувањето на анекс-договорот со „Гастрејд“, АД ЕСМ обезбеди 30-месечен мораториум и спречи дополнителни трошоци од околу осум милиони евра за капацитет што не може да се користи. Раководството оценува дека со тоа е запрено понатамошното одлевање средства од компанијата и е создаден простор за репрограмирање на обврските. Паралелно, ЕСМ ги интензивира инвестициите во нови гасни енергетски капацитети како дел од процесот на енергетска транзиција и модернизација на секторот.
Државната енергетска компанија АД ЕСМ успеа да спречи дополнителен финансиски товар тежок околу осум милиони евра, откако по повеќемесечни преговори беше постигнат договор со грчката компанија „Гастрејд“, оператор на терминалот за течен природен гас во Александрополис.
Според генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, потпишаниот анекс-договор претставува значаен чекор кон стабилизирање на финансиската состојба на компанијата и надминување на обврските наследени од претходното раководство.
– Со анексот успеавме да го запреме понатамошното генерирање трошоци за капацитет кој фактички не можевме да го користиме. Станува збор за средства што секој месец се одлеваа од буџетот на ЕСМ, без компанијата да има реална можност да го стави во функција закупениот капацитет – изјави Узунчев за МИА.
Тој објаснува дека според претходниот договор, ЕСМ од октомври 2024 година плаќа повеќе од 250 илјади евра месечно за закуп на терминалски капацитети, иако не се создадени предуслови за нивна практична употреба.
Узунчев потсетува дека одлуките за влез на ЕСМ во проектот биле донесени во периодот од 2021 до 2023 година, кога биле склучени долгорочни договори за користење на терминалот во Александрополис во траење од 15 години. Според него, суштинскиот проблем бил што никогаш не бил обезбеден целосен транспортен коридор за испорака на гасот до Македонија.
– За да стигне гасот од терминалот „Александрополис“ до Македонија, потребно е да се обезбедат преносни капацитети низ Бугарија. Токму тука настанал проблемот. Не бил закупен комплетниот преносен капацитет долж трасата, што значело дека дури и да беше набавен гас, немаше физичка можност тој да влезе во државата – посочува директорот на ЕСМ.
Тој додава дека поради овие околности, новото раководство минатата година доставило документација и кривична пријава до надлежните институции со цел да се утврди одговорноста за донесените одлуки. Според проценките на актуелното раководство, досегашната финансиска штета за компанијата веќе надминала седум милиони евра.
– Околу четири милиони евра се исплатени за самиот закуп на терминалот, додека дополнителни три милиони евра се однесуваат на нефункционални транспортни капацитети долж трасата кон Македонија. Тоа е директна финансиска последица од лошо планирани и нецелосно реализирани активности во минатото – вели Узунчев.
Клучниот елемент на новиот анекс е воведувањето на 30-месечен мораториум за користење на терминалските капацитети. Според првиот човек на ЕСМ, ова решение ќе овозможи компанијата да избегне дополнителни загуби додека не се создадат реални услови за користење на закупениот капацитет.
– Извршивме комплетно репрограмирање на обврските. Наместо да плаќаме за нешто што не можеме да го користиме, создадовме простор количините и динамиката на користење да се усогласат со идните потреби на компанијата и со развојот на новите енергетски капацитети – нагласува Узунчев.
Паралелно со решавањето на проблемот со терминалот во Александрополис, ЕСМ ја забрзува реализацијата на проектите за енергетска транзиција. Узунчев најавува дека компанијата во наредните денови ќе потпише грант-договор со Светска банка во вредност од 2,4 милиони долари, наменет за подготовка на проектот за изградба на гасната електрана „РЕК Битола 1“.
– Ова е важен чекор кон модернизација на домашниот енергетски сектор. Средствата ќе бидат вложени во изработка на студии, проектна документација и подготовка на тендерски процедури за изградба на новата централа – изјави директорот на ЕСМ.
Според првичните проекции, новата електрана ќе располага со инсталирана моќност од 250 до 300 мегавати, а нејзиното пуштање во употреба се очекува во периодот меѓу 2030 и 2031 година.
Покрај проектот во Битола, ЕСМ работи и на трансформација на ТЕЦ Неготино, која со години функционира како ладна резерва на мазут.
– Нашата визија е ТЕЦ Неготино целосно да се модернизира и да премине на природен гас како примарно гориво. Со тоа ќе се намали употребата на мазут, кој е и скап и еколошки неповолен енергенс – вели Узунчев.
Тој додава дека доколку подготовката на студиите и проектната документација се реализира според планираната динамика, конверзијата би можела да биде завршена во следните пет до седум години.
– Со реализацијата на овој проект Македонија ќе добие уште еден модерен и стабилен производствен капацитет со моќност меѓу 300 и 400 мегавати, кој ќе придонесе за поголема енергетска сигурност и намалување на зависноста од фосилните горива – истакна Узунчев.












