Пораките од првиот ден од самитот 2026, кој се одржува во Скопје, јасно покажаа дека Македонија се наоѓа во период кога мора да донесе клучни одлуки за сопствениот развој. Инфраструктурното поврзување, економските реформи, дигиталната трансформација, подобрувањето на институциите и поголемото вклучување на дијаспората беа посочени како неопходни предуслови за посилен економски раст и побрзо интегрирање на државата во европските и во светските текови.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека најголемата компаративна предност на Македонија е нејзината позиција на крстопатот на коридорите 8 и 10 и дека токму инфраструктурното поврзување е „единствената равенка за поголем економски раст“. Извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевски, пак, оцени дека покрај инфраструктурните инвестиции, државата мора да спроведе и подлабоки економски и структурни реформи, со целни мерки за заштита на животниот стандард и создавање попредвидлива бизнис-клима за домашните и за странските инвеститори

Самитот 2026 во организација на „Македонија 2025“, кој годинава се одржува под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“, отвори сериозна дебата за иднината на македонската економија, инфраструктурниот развој, дигиталната трансформација и европската перспектива на државата. На едно место се собрани владини претставници, бизнис-лидери, претставници на дијаспората и технолошки експерти, а пораките што беа испратени од првиот ден од самитот се движеа во насока дека Македонија мора да го искористи моментумот и да направи посилен исчекор кон модерна, конкурентна и европска држава.
Во центарот на вниманието беше обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека најголемата шанса за економски раст на Македонија лежи токму во нејзината географска позиција и инфраструктурното поврзување со регионот и со Европа. Според него, државата со децении не ја искористила својата најголема компаративна предност, а тоа е позицијата на крстопатот меѓу два клучни европски коридори.
– Поврзувањето е единствената равенка за поголем економски раст. Кога ќе го поставите прашањето која е предноста на државата, единствената компаративна предност што ја имаме ние со конкуренцијата во регионот и во Европа е тоа што сме место на поврзување на два важни европски коридори – Коридорот 10 и Коридорот 8 – истакна Мицкоски, нагласувајќи дека Македонија мора, конечно, да го изгради темелот врз кој ќе се гради економскиот развој.
Тој детално објасни дека Коридорот 10 претставува врска меѓу северна и јужна Европа, односно централна Европа со Медитеранот, преку Егејското Море, додека Коридорот 8 ги поврзува јадранската и јонската област со Црното Море. Според него, токму оваа позиција може да ја претвори Македонија во регионален транспортен, енергетски и економски центар.
– Сè друго, ако го мериме како компаративна предност, можете да го најдете кај која било конкуренција во регионот или во Европа. Ако го направиме тоа, тогаш можеме да развиваме сè. Тоа не сме го направиле – подвлече Мицкоски.
Премиерот се осврна и на тековните инфраструктурни проекти, нагласувајќи дека Владата останува фокусирана на изградбата на автопати, модернизацијата на железничката мрежа, енергетското поврзување и гасификацијата. Според него, токму овие проекти се предуслов за привлекување нови инвестиции и за забрзан економски развој.
Осврнувајќи се на економските параметри, Мицкоски истакна дека првите месеци од годинава започнале позитивно, но дека конфликтот на Блискиот Исток создал нови предизвици за светската економија. Сепак, како што рече, Македонија засега успешно се справува со економските притисоци.
– Влеговме во решавање на проблемот и прилично успешно се справуваме со состојбите и покрај тоа што имавме исклучително големи фискални откажувања – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека политиките на Владата дале резултат, особено во делот на потрошувачката и буџетските приходи.
– Принципот економија на обем, кој го применивме, покажува дека до овој момент не само што не сме ги почувствувале последиците туку и сме ги надминале нашите очекувања во услови на криза – посочи премиерот.
Мицкоски истакна дека Македонија има шест квартали по ред со реален економски раст над 3,5 проценти, што, според него, претставува позитивен сигнал во услови кога европската економија бележи значително побавен раст.
– Годинава, според Меѓународниот монетарен фонд, ќе дојдеме до номинален БДП од 22 милијарди долари – изјави премиерот, додавајќи дека растот треба да биде уште побрз, но дека мора да се земе предвид и глобалниот економски контекст.

На економските предизвици и потребата од реформи се осврна и извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевски, која порача дека Македонија мора внимателно да ги следи глобалните економски текови и да носи внимателни и добро насочени мерки.
– Инфраструктурни проекти и економски реформи се она што треба да го направи Владата за заштита на стандардот на македонските граѓани – порача Мојсоска-Блажевски.
Таа оцени дека инфраструктурните инвестиции моментално имаат позитивен ефект врз економскиот раст, но предупреди дека не е доволно тоа без подлабоки структурни промени.
– Треба да размислиме повеќе за пообемни структурни реформи, кои е тешко да се спроведат во услови кога имате неизвесност и ограничен фискален простор – рече таа.
Според неа, глобалната нестабилност, случувањата на Блискиот Исток и забавениот раст во Европската Унија директно се одразуваат врз македонската економија, особено преку зголемените транспортни трошоци и инфлаторните притисоци.
– Очигледно има одредено забрзување на стапката на инфлација, меѓутоа, главно, тоа се трошоци поврзани со транспортот – изјави Мојсоска-Блажевски.
Сепак, таа смета дека во моментов нема простор за паника, бидејќи монетарната политика е поставена стабилно и институциите внимателно ги следат економските движења. Особено внимание Мојсоска-Блажевски му посвети на потенцијалот на македонската дијаспора, посочувајќи дека голем број иселеници имаат интерес за враќање и инвестирање во Македонија, но дека главен проблем претставуваат недостигот од информации и недоволната предвидливост на институционалниот систем.
– Четириесет и пет проценти од испитаниците што ги анкетиравме велат дека би сакале да се вратат, а 16 проценти дека сакаат да инвестираат – откри таа.
Според неа, дијаспората не бара само емоционална поврзаност со татковината туку и стабилен систем и јасни правила.
– Што им недостига? Информации, предвидливост и посилни институции – рече Мојсоска-Блажевски.
Таа потенцираше дека Македонија мора многу поагресивно да ги промовира можностите што ги нуди за инвестиции од дијаспората, вклучително и субвенциите и другите поволности што ги обезбедува Владата.
– Не можеме да бидеме многу полоши од кое било друго место за инвестиции за да донесат одлука да инвестираат. И ние треба да си ја завршиме нашата домашна задача – подвлече таа.
Своја порака до јавноста испрати и бизнисменот Мајк Зафировски, кој нагласи дека Македонија мора многу посилно и поорганизирано да работи на својата европска перспектива и на институционалниот развој.
– Треба да направиме многу заедно за Македонија да влезе во ЕУ и да стане просперитетна држава – истакна Зафировски.
Тој порача дека земјата мора да ги отстрани пречките што го забавуваат развојот и паралелно да ги исполни институционалните обврски.
– Треба да ги отстраниме пречките, но и да ги исполниме институционалните обврски, тогаш ваквите самити нема да бидат потребни – рече Зафировски.
Според него, секоја голема промена започнува со мали, но конкретни чекори, а како пример за успешна иницијатива го посочи системот „Безбеден град“.
– Со овој систем луѓето сега се поопуштени и не се брза како на трките на Формула 1 – рече тој, нагласувајќи дека системот веќе дал резултати и дека годинава се бележат нула жртви.
Зафировски додаде дека се забележува напредок во Македонија, но дека државата никогаш не смее да се задоволи со постигнатото.
– Секогаш треба да се стремиме кон нешто повисоко – порача тој, најавувајќи и засилени активности за лобирање во САД и пошироко, во интерес на Македонија.
Особено внимание на самитот им беше посветено и на дигиталната трансформација и вештачката интелигенција, тема на која говореше Кети Ицева, одговорен менаџер за развој на софтверот во „Мајкрософт“. Таа оцени дека Македонија се наоѓа во момент кога вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината, туку реална алатка што веќе ги менува компаниите и економиите.
– Последните неколку години почнувавме да зборуваме за вештачката интелигенција, дигитализацијата и како може да ни помогнат и да ѝ помогнат на Македонија да може да се развива еднакво како со другите земји, дури и повеќе – истакна Ицева.
Според неа, токму оваа година претставува пресвртна точка во односот кон новите технологии.
– До лани зборувавме што е вештачка интелигенција, дали ни е потребна таа, сето тоа се промени годинава – рече таа.
Ицева смета дека вештачката интелигенција отвора огромна можност за македонските компании да ја зголемат својата конкурентност и побрзо да се позиционираат на глобалниот пазар.
– Се отвора можност и за фирмите во Македонија да можат да станат поконкурентни со тоа – нагласи таа.
Таа најави дека во рамките на самитот ќе се отворат повеќе дискусии поврзани со примената на новите технологии, дигитализацијата и можностите што ги нуди вештачката интелигенција за економски развој.
Претседавачот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо, порача дека светот денес се менува побрзо од кога било и дека токму затоа лидерството, иновациите и способноста за брза адаптација стануваат клучни фактори за успех.
– Малите држави како нашата не можат да се натпреваруваат по големина, но можат да се натпреваруваат преку агилност, знаење, иновации и брз раст. Економскиот раст денес повеќе не зависи само од капиталот, туку од луѓето, талентот и способноста брзо да се носат одлуки и да се имплементираат – истакна Мизо.
(С. Бл.) – Фото: Петр Стојановски












