По повод големиот верски празник, Велигден, Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци објави јавен повик за учество на изложбата на рачно изработени дела „Велигденска изложба на ракотворби“.
– Ги покануваме сите креативни луѓе да учествуваат со свои дела создадени во чест на верскиот празник Велигден, инспирирани од традицијата, симболиката и празничната атмосфера – повикуваат од Домот на културата.
Право на учество имаат: уметниците, занаетчиите, креативните луѓе, учениците, студентите, граѓаните од сите возрасти, здруженијата, групите и љубителите на ракотворби.
– Се прифаќаат сите видови рачни изработки како што се: украсните велигденски јајца (традиционални и современи техники), декоративните предмети, иконите, религиозните мотиви, сликите, цртежите, графиките, текстилните и везените дела, скулптурите, инсталациите, ракотворбите од природни и од рециклирани материјали, другите креативни изработки со велигденска тематика – појаснуваат од Домот на културата.
Секој учесник може да пријави едно или повеќе дела. Пријавувањето се врши на и-мејлот [email protected].
Рокот за пријавување е до 02.04.2026 година. Изложбата ќе се одржи на 07.04.2026 година.












