За радост на најмалите, општините почнаа да организираат настани со кои ќе се одбележи Денот на шегата, 1 Април. Главни актери ќе бидат децата, кои со своите маски ќе ги покажат вештината, имагинацијата и фантазијата, се разбира, потпомогнати од своите родители.
Општина Велес подготвува манифестација на која централно место ќе имаат децата од градинките и учениците од основните училишта, кои ќе продефилираат со своите креативни маски по улиците во градот и ќе направат весела атмосфера.
Априлијадата ќе продолжи во 11:00 часот, во амфитеатарот во Младинскиот парк, каде што за целосен впечаток ќе се погрижат малите балерини на балетското студио „Анабела“.
Општина Крива Паланка, заедно со учениците од основните училишта и детската градинка, кани на традиционалниот првоаприлски маскенбал, исполнет со смеа, музика и креативни маски, кој ќе почне во 11:00 часот, со свечено дефиле од автобуската станица до Градскиот плоштад, по што ќе следува претставување на учесниците и изборот на најдобрите маски. Сето тоа ќе биде проследено со забава со диџеј Боно.












