Иако на национално ниво (освен во Хрватска) нема официјална статистика за бројот на оние што ја напуштаат земјата, последните податоци на OЕЦД за 31 земја покажуваат дека во периодот од 2019 до 2023 година повеќе од 660.000 луѓе ги напуштиле Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина вкупно. Притоа, водечка земја во однос на одливот на мозоци е Хрватска, која годишно ја напуштаат околу 47.000 луѓе, односно секој 80. жител. Демографот Владимир Никитовиќ од Институтот за општествени науки во Белград објаснува за ДВ дека, за разлика од таканаречените потисни фактори што доминираа некогаш и првенствено се однесуваа на економските причини, денес луѓето се мотивирани и од факторите на задоволство или незадоволство од состојбата на општеството
Секоја година, повеќе од 130.000 луѓе ги напуштаат земјите формирани од поранешна Југославија. Зошто си одат младите луѓе и дали субвенциите што ги најавуваат регионалните политичари се доволен поттик за враќање, анализира „Дојче веле“.
– Зошто ја напуштаат луѓето Хрватска? Ништо не функционира таму! Јавниот превоз не функционира, градинките, нема работа, нема станови, сè е скапо. Луѓето сакаат да живеат во земји каде што функционира, не станува збор само за парите – вели Матија, кој живее во германскиот град Мајнц од 16-годишна возраст.
Базата на податоци на Меѓународната организација за економска соработка и развој (ОЕЦД), која го евидентира бројот на луѓе што емигрирале од една земја во текот на една година, покажува дека, во просек, годишно околу 133.500 луѓе ја напуштаат територијата на поранешна Југославија. Иако на национално ниво (освен во Хрватска) нема официјална статистика за бројот на оние што ја напуштаат земјата, последните податоци на OЕЦД за 31 земја покажуваат дека во периодот од 2019 до 2023 година повеќе од 660.000 луѓе ги напуштиле Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина вкупно. Притоа, водечка земја во однос на одливот на мозоци е Хрватска, која годишно ја напуштаат околу 47.000 луѓе, односно секој 80. жител. Следна на оваа озлогласена листа е Србија, која годишно, во просек, губи по 43.000 жители, додека околу 40.000 граѓани ја напуштаат Босна и Херцеговина секоја година. Во 2023 година, генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, објави дека, според процените, регионот на Западен Балкан ќе загуби помеѓу четвртина и половина квалификувани и образовани млади граѓани во наредните децении, а како некои од главните причини за тоа ги истакна високата стапка на невработеност, сиромаштијата и исклученоста.
Иако миграцијата од овие простори не е „од вчера“, експертите посочуваат дека се промениле факторите во последните 30 години. Демографот Владимир Никитовиќ од Институтот за општествени науки во Белград објаснува за ДВ дека, за разлика од таканаречените потисни фактори што доминираа некогаш и првенствено се однесуваа на економските причини, денес луѓето се мотивирани и од факторите на задоволство или незадоволство од состојбата на општеството.
– Кај високообразованите луѓе, кои по правило имаат повисоки очекувања од животот, квалитетот на животот и сите оние фактори што не се исклучиво поврзани со парите или платата се многу високо на листата на приоритети – истакнува тој и додава дека кај луѓето што првенствено извршуваат физички работи, каде што заработката често е пет или шест пати поголема отколку кај нас, сосема е логично економскиот фактор сè уште да е клучен.
За разлика од Босна и Херцеговина, каде што сè уште нема официјална државна програма за поттикнување на враќањето на младите луѓе, српските и хрватските лидери во последните недели повторно се обидоа да привлечат млади луѓе од странство со нови мерки
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во текот на еден од своите предизборни говори најави субвенции за повратниците, без да прецизира колку би изнесувале, а во моментов, во Србија се на сила мерки во форма на административна помош и поддршка за вработување, како и петгодишно даночно олеснување во форма на намалување од 70 проценти на даночната основа и на придонесите.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, е малку подарежлив, бидејќи инвестициите во повратниците се во милиони. Тие се движат од петгодишно ослободување од плаќање данок на доход до потенцијални 27.000 евра за почнување сопствен бизнис.
Иако ваквите мерки, секако, се важни, соговорниците на ДВ сметаат дека тие, сепак, не се доволен поттик за враќање на младите луѓе. Ненад Јоветиќ, директор на Институтот за развој и иновации (ИРИ), истакнува дека квалитетниот образовен и здравствен систем би бил од клучно значење како мерка и дека нивното подобрување би можело во голема мера да ги привлече граѓаните, без оглед на нивната возраст.
Демографот Никитовиќ се согласува со ова и ги гледа понудените мерки како „политички трик, а не како нешто што навистина може да ја промени ситуацијата“.
– Повеќето од овие луѓе немаат доволно доверба во општеството, односно во државата и во начинот на кој функционира системот. Затоа мислам дека финансискиот поттик е само второстепен – многу е поважно луѓето да чувствуваат дека постои перспектива и можност за напредок – вели тој.












