Владата на Бугарија поднесе измени на кривичниот законик со кои царинските прекршоци се квалификуваат како кривични дела, а шверцот како тешко кривично дело, изјави денеска бугарскиот премиер Румен Радев. Тој рече дека владата ќе ја заостри и царинската контрола, јави државната агенција БТА.
Прекршувањето на царинските прописи досега, рече Радев, се казнуваше како административен прекршок и со години не постоеше политичка волја тоа да се промени.
Предложените измени, според неговите зборови, ќе му зададат удар на еден од најпрофитабилните бизниси на организираниот криминал на надворешните граници на Европската Унија и ќе ги заштитат и нејзините и бугарските финансиски интереси.
„Законот нема да се однесува само на шверцерите и царинските службеници на терен, туку и на службениците во царинската управа кои намерно замижуваат пред таквото прекршување на законот“, рече Радев.
За кривично дело ќе се смета и свесното прикривање какви било информации за ненаменско трошење на средства од ЕУ и домашни средства, рече бугарскиот премиер.
Радев рече дека на јавна расправа е испратен и законот за игри на среќа, чија цел е „поголема транспарентност, поправедно оданочување и, пред сè, сузбивање на зависноста од коцкање“, пишува бугарскиот портал Новините.
Законот предвидува „буквално целосна забрана“ за рекламирање игри на среќа, правата на организаторите на коцкање да спонзорираат спортски клубови или нивните фирми да бидат рекламирани на спортски дресови.
Владата ќе го забрани и посебното осветлување на фасадите на обложувалниците и казината, кое, според зборовите на премиерот, станало толку нападно што бугарските градови и населби почнуваат да личат на Лас Вегас.
Оданочувањето според новиот закон ќе биде во сразмер со реалните приходи на казината и обложувалниците, а значително ќе бидат зголемени и даноците за онлајн игрите на среќа.
Странските оператори на игри на среќа кои сакаат да работат на бугарскиот пазар ќе мора да се регистрираат и ќе бидат под целосна контрола на државата и ќе плаќаат данок во Бугарија, рече Радев.












