Почнувајќи од следната недела, пред лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ќе биде претставен план за консолидација на најголемата опозициска партија и за окрупнување на опозицискиот фронт во кој еден од условите ќе биде и негово повлекување од лидерската позиција. Доколку Филипче не го прифати ова, тогаш ќе следуваат други решенија. Ова на денешниот брифинг го кажаа претставниците на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, поранешните функционери на СДСМ – Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев и актуелната пратеничка, а поранешна министерка, Славјанка Петровска. Платформата најави дека во саботата ќе има нова рунда разговори за состојбите во Македонија насловена како „35 години потоа“. По неа, ќе следува сериозна и интензивна активност која првенствено ќе биде фокусирана, како што рекоа, на средување на состојбите во СДСМ, но и на окрупнувањето на сега разединета опозиција. Од нивните изјави може да се заклучи дека на овие фронтови најприоритетна е промената на актуелното раководство на најголемата опозициска партија предводено од Венко Филипче, на чија сметка се упатија тешки обвинувања.
Поранешниот генерален секретар на оваа партија, Андреј Петров, рече дека Филипче е тотално некомпетентен за партиски лидер.
– Филипче е некомпетентен за претседател на СДСМ, тотално е изгубен во времето и просторот. Партијата не се врати на членството, ниту се демократизира, а таа секогаш била широка демократска партија. Не постои случај човек кој бил на другата страна, потоа да стане претседaтел на партија. Додека ние правевме пленум, тој се потпиша на контрапленум, кога спремавме штрајк во здравството, тој беше штрајкбрехер. Додека ние спремавме шатори за протести, тој се спремаше да биде министер во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе понудиме план, ќе го информираме и него но отворено кажувам дека не може да направи промени – нагласи Петров.
Според Игор Ивановски, поранешен пратеник на оваа партија, целта на платформата е да се почне и со разговори за окрупнување на опозицискиот фронт, со цел да се победи актуелната власт. Тој рече дека високиот рејтинг на власта не е резултат на нејзините досегашни постигнувања, туку на слабата опозиција.
– Оваа влада покажа отсуство на желба за борба против корупција, отсуство на волја за реформи, пред сè во правосудството, отсуство на сервисни политики – во здравство, во образование, во економијата. Оваа влада се кандидира да биде на врвот на најнеспособни влади и ги изневери очекувањата на граѓаните. Но зошто владата има толкав рејтинг – зашто има отсуство на алтернатива во равенката, а тоа е отсуство на способна, ефикасна, силна опозиција, која не би овозможила ваков дисбаланс. Правиме разлика меѓу раковoдството на СДСМ и СДСМ. СДСМ се бореше против заробена држава, а стана заробена партија. Ние ги имаме разработено сценаријата и ќе постапиме согласно со нив – нагласи Ивановски.
Од платформата нагласија дека не им е цел да формираат нова политичка партија, ниту да формираат независни кандидатски листи за идни парламентарни избори или, пак, да повикуваат на бојкот.
– Ако нашиот план не биде прифатен од Филипче, потоа ќе решиме какви чекори ќе бидат направени. Јас досега трипати се имам видено со Филипче и му ја објаснив нашата платформа. Тој ми одговори: „Ако не ве нападнам, сите ќе ми отидат кај вас“. Ги држи во заблуда сите околу себе. Филипче не е претставник на членството на СДСМ, членската книшка ја зеде кога требаше да стане министер. Тој е претставник на фиктивните картички за гласање. Правиме досие за тоа во која изборна единица се користеле фиктивните картички кога се гласало за лидер на партијата – наведе Емилијан Станковиќ, кој додаде дека „Зоран Заев не е во нивна приказна и дека и тој има одговорност за она што се случува во партијата“.
Никола Ќуркчиев најави дека ќе поднесе кривична пријава за фалсификување на документи.
– Фалсификат е документ со кој Филипче мавташе во емисијата и каде што го спомнуваше моето име како овластен претставник. Ова е кривично дело, а не само клевета. Бев во партијата да ми кажат кој го направи овој фалсификат, Филипче не беше таму. Им дадов опомена пред тужба, а ќе следува и кривична пријава за фалсификат. Јас не сум овластено лице за договори, туку хонорарно сум ангажиран од фирмата како машински инженер со знаење на грчки јазик – објасни Ќуркчиев.
Ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, рече дека постојано се залагале за промени со цел консолидација на партијата, но безуспешно.
– Имав неколку разговори со претседателот на партијата и тие разговори или завршуваа со одмолчување или со потврдување, а потоа неспроведување на договореното. Имав непристојни понуди од раководството да бидам дел од него за сметка на тоа да туркам работи под маса. Јас не се согласив – рече Петровска. (Б. Ѓ.)












