Националната полиција на Шпанија (Policía Nacional) разби опасна ќелија на српскиот организиран криминал која оперирала долж брегот Коста дел Сол, Кампо де Гибралтар и регионот Леванте, објави „Ел Еспањол“. Операцијата кулминираше со откривање приватна „соба за мачење“ во изнајмена луксузна вила во Естепона, од која полицајците во ноќна акција успеаја да спасат двајца мажи.
Драмата започна во ноќта кон саботата, на 5 септември, околу 1:05 часот пополноќ, кога дежурната служба 091 прими вознемирувачки повик. Девојката на еден од киднапираните дојави дека нејзиниот партнер заминал на адресата Нуева Аталаја 65 за „сомнителни работи“, со упатство да повика полиција доколку не ѝ се јави во рок од десет минути.
Првата полициска патрола на терен забележа светло во вилата и заѕвони. При отворањето на автоматската врата од објектот излетаа двајца маскирани мажи со фантомки и заштитни ракавици. Веднаш по нив, низ кујнската врата истрча целосно гол, претепан и крвав маж во состојба на тешка паника, викајќи: „Ме киднапираа и сакаат да ме убијат!“
Бегајќи пред полицијата, еден од маскираните осомничени, подоцна идентификуван како Марко Н. (1995), прескокна ѕид од дворот држејќи нешто што личело на огнено оружје. Откако полицискиот службеник испука предупредувачки истрел во воздух, бегалецот беше совладан на тротоарот со помош на дополнителни сили. Набрзо беше уапсен и вториот маскиран маж, Филип Ј. (2001).
„Вила на ужасот“
Набрзо беа алармирани сите расположливи единици од Естепона и Марбелја. Од вилата на сите страни почнаа да бегаат членови на оваа банда: Зоран Н. (1991) беше фатен при прескокнување препрека, додека Леон Ј. (1997) беше пронајден скриен во грмушки во соседниот двор.
За време на бегството, еден од осомничените фрли спортска торба во соседниот имот. Во неа полицијата пронајде автоматски пушки АК-47 („Калашников“) од советската ера, кои криминалците ги користеле за обезбедување на базата. Истовремено, во внатрешноста на објектот беше лоцирана и втората жртва, Мигел Анхел, кој крварел и барал помош.
Со увид во внатрешноста на куќата, полициските инспектори пронајдоа просторија која била целосно прелепена со пластични фолии, а во неа се наоѓале столица и пластични врзувалки, чекан, клешти, леплива лента, пиштол со придушувач и дополнително огнено оружје разфрлано по подот.
Експертите за балистика од Полициската научна служба во моментов го анализираат запленетото оружје за да утврдат дали било користено во претходни вооружени пресметки и кривични дела на подрачјето на Марбелја.
Пресметка внатре во организацијата
Извори од истрагата наведуваат дека жртвите на бруталното мачење, Мигел Анхел (роден во Кадиз, 1981) и Хамза (роден во Сеута, 1995), се исто така лица со дебели полициски досиеја. Според претпоставката на Полициската судска бригада, двајцата биле оперативци на истата криминална група, а биле мачени во знак на одмазда поради неуспех во една од претходните задачи („губење на товарот“ или долг). Еден од нив по излегувањето од болница веднаш бил префрлен во затвор.
Поради безбедносни причини и продолжување на истрагата, полицијата ја разгледува опцијата на жртвите да им додели статус на заштитени сведоци.
Вкупно се уапсени седум државјани на Србија. Ниту еден од уапсените нема пријавено живеалиште во Шпанија, што укажува на тоа дека во земјата влегле илегално за да избегнат евиденција. При апсењето и брканицата преку оградите биле повредени тројца полициски службеници.
За време на форензичкиот преглед на „вилата на ужасот“ биле пронајдени и биолошки траги од други лица поврзани со српското подземје. Истрагата останува отворена, а уапсената седумка е сместена во затворот Алхаурин де ла Торe, каде што веќе упатиле закани до затворскиот персонал барајќи да бидат сместени во ист модул и исти ќелии.












