Акредитациите за новинари од три медиумски куќи се повторно активирани по судскиот налог.
Белата куќа соопшти дека го вратила пристапот за медиумските куќи на кои претходно им бил забранет влез, откако федералниот судија Тимоти Кели нареди итно враќање и повторно активирање на официјалните акредитации за новинарите од „Си-ен-ен“, „Ем-ес-ен-ен-би-си“ и „Политико“, пренесува „Скај њуз“.
Мајк Стоперич, директорот за медиумски операции во Белата куќа, поднесе судски поднесок пред истекот на рокот определен од судијата Кели за одговор во врска со спроведувањето на неговиот налог.
Стоперич изјави дека персоналот задолжен за операциите во Белата куќа добил известување во 7:10 часот наутро по локално време да го врати пристапот за „засегнатите новинари“ преку повторно активирање на нивните официјални акредитации.
Според судскиот поднесок, тимот го започнал процесот на повторно активирање на акредитациите 15 минути подоцна.
Стоперич истакна дека Тајната служба на САД во 9:07 часот потврдила оти акредитациите се „повторно активирани“.
Одземените акредитации биле доставени до оперативниот тим на Белата куќа во 9:45 часот, по што тимот за односи со медиумите ги оставил акредитациите на влезот за медиуми во 9:55 часот, за новинарите да можат да ги подигнат.
„Тајната служба на САД потврди дека активираните новинарски акредитации биле достапни за подигнување на влезот за медиуми веднаш штом биле доставени“, изјави Стоперич.












