Револтот поради ниската откупна цена на црвената пиперка повторно ги извади струмичките земјоделци на улица. Со трактори и со земјоделска механизација, производителите од Струмичко протестираа пред подрачното одделение на Министерството за земјоделство, барајќи повисока цена за ајварката, која во моментов се откупува за само 25 денари за килограм. Земјоделците велат дека со оваа цена производството станува сè понеисплатливо и дека не може да го покријат вложувањето во семето, ѓубривото, заштитата, работната сила и другите трошоци. Тие бараат итно решение и официјален договор со откупувачите и со институциите.
Иако министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, по средбите со фабриките најави одредено зголемување на откупните цени, производителите велат дека нема да отстапат од протестите сè додека не добијат конкретна понуда и гаранција за условите на откупот.
– Откупната цена на пиперката, која е една од главните земјоделски култури во Струмичко, е незадоволителна. Земјоделците се револтирани, бидејќи со актуелната цена не може да ги покријат ниту производствените трошоци. Бараме зголемување на откупната цена на куртовската капија – 50 денари за прва класа, 40 денари за прва-втора класа и 20 денари за втора класа – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица.
Покрај повисока откупна цена, земјоделците бараат и навремена исплата на субвенциите за килограм предадена роба и за површина, како и скратување на рокот за исплата од фабриките на три месеци.
Националната земјоделска мрежа бара итно донесување законска регулатива со која ќе се утврдат реалните производствени трошоци за земјоделските култури, а врз нивна основа – и задолжителни минимални откупни цени.
– Моменталната откупна цена на градинарските култури е многу ниска и не може да ги покрие производствените трошоци. Земјоделците се соочуваат со сериозна економска неизвесност и бараат државата да изготви долгорочна стратегија за земјоделството, со поголема финансиска и правна поддршка за производителите. Во спротивно, трговците ќе продолжат да профитираат на сметка на производителите и на граѓаните – изјави Ѓорѓи Каракашев, претседател на Здружението.
Од Мрежата бараат со закон да се утврди минималната откупна цена за сите земјоделски производи и да се забрани нивни откуп по цена пониска од законски утврдената.
– Исто така, бараме со закон да се утврди дека сите земјоделски производи што ги откупуваат трговците мора да бидат исплатени во рок од 30 дена. За жал, тоа најчесто не е случај. Трговците често манипулираат со откупот, а инспекторите не ја следат доволно состојбата на терен. Токму затоа земјоделството е доведено во ваква состојба – додава Каракашев.
Поддршка за земјоделците повторно даде и еколошката организација „Здрава котлина“, од каде што порачаа дека производителите не бараат сожалување, туку фер цена за својот труд и услови во кои земјоделството ќе биде исплатливо.
Министерот Серафимовски претходно порача дека откупната цена ја определуваат пазарните услови, но нагласи дека процесот мора да биде законски, транспарентен и предвидлив. Во меѓувреме, земјоделците остануваат на своите барања и најавуваат дека ќе продолжат со притисокот сè додека не добијат конкретно решение за цената на пиперката.
(А. С.)












