Црвена звезда и Партизан нема да добијат трајни лиценци за Евролигата во првата фаза од трансформацијата на натпреварувањето, туку ќе потпишат нови тригодишни договори за учество, пренесува италијанската „Ла Газета“.

Евролигата планира да премине на франшизен систем и постепено да се прошири на 24 екипи. Српските ривали, сепак, ќе мора да почекаат до 2030 година, кога би добиле предност за две дополнителни трајни лиценци во втората фаза од проширувањето на 28 клубови.

Според италијанските информации, покрај постојните акционери, шест нови франшизи би биле Валенсија, Париз, Дубаи, Максима Рома, Хапоел Тел Авив и ПАОК. Партизан, Црвена звезда, Виртус Болоња и Наполи, пак, би добиле тригодишни специјални покани.

Предлогот треба да биде разгледан и одобрен од Управниот одбор на Евролигата, а состанокот е најавен за крајот на ноември. Доколку биде усвоен, белградските гиганти ќе продолжат во елитата, но без гарантирано место на долг рок.

ИЗДВОЕНИ