вторник, ноември 10, 2026
Дома СВЕТ Макронови поднесоа тужба против инфлуенсерката кој тврди дека Брижит била маж

Макронови поднесоа тужба против инфлуенсерката кој тврди дека Брижит била маж

0
EPA/SARAH MEYSSONNIER

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит минатата недела поднесоа нова тужба за клевета во Соединетите Држави против инфлуенсерката Кендис Овенс, обвинувајќи ја дека шири и експлоатира лажно тврдење оти Брижит Макрон е трансродова личност, објави во вторникот агенцијата АФП.

Оваа нова тужба, која претседателскиот пар ја поднесе пред суд во американската сојузна држава Тенеси, доаѓа по одлуката донесена кон крајот на октомври, со која судија го ограничи опсегот на претходната тужба поднесена во сојузната држава Делавер во летото 2025 година.

Предметниот судија пресуди дека инфлуенсерката Кендис Овенс не може да сноси лична одговорност бидејќи е истечен рокот на застареност, но дозволи правната постапка против нејзините компании да продолжи.

Нова тужба, поднесена на 4 ноември, е насочена конкретно против инфлуенсерката во нејзината матична земја. Во тужбеното барање, претседателската двојка наведува дека инфлуенсерката Кендис Овенс „ги искористила овие лажни информации за да ја промовира својата независна платформа, со цел да заработи пари“.

Брижит и Емануел Макрон ја обвинуваат дека „продолжува да ги изнесува овие тврдења, па дури и ги засилува лагите“ за нив, и покрај претставката што ја поднеле во летото 2025 година.

„Ова не е потрага по вистината, туку потрага по озлогласеност“, додаде претседателската двојка.

Тие исто така наведоа дека споменатата кампања им нанела значителна штета.

Овие тврдења во врска со Брижит Макрон – кои редовно се појавуваат на француските социјални мрежи уште откако Макрон за првпат беше избран за претседател во 2017 година – се проширија и во странство, особено во САД, откако Кендис Овенс почна да ги промовира во март 2024 година, а од јануари 2025 година и дополнително ги засили преку серијал подкасти насловен „Да се ​​стане Брижит“ (Becoming Brigitte).

ИЗДВОЕНИ