Вистински хаос владее во ракометниот клуб Партизан, кој во рок од само неколку дена остана без претседател, комплетниот Управен одбор, а сега и без шефот на стручниот штаб. Последен во низата заминувања е шпанскиот стратег Раул Гонзалес, поранешен тренер на Вардар и селектор на македонската репрезентација.

Гонзалес, кој летово пристигна во Белград и го предводеше Партизан во Лигата на шампионите, одлучи да го раскине договорот со клубот поради актуелната ситуација. Од „црно-белите“ официјално потврдија дека соработката е завршена, заблагодарувајќи му се за досегашниот ангажман.

До крајот на сезоната, тимот ќе го предводи досегашниот помошник-тренер Марко Павловиќ, со поддршка од останатиот дел од стручниот штаб. Сепак, тренерската промена е само последниот проблем во серијата потреси што го зафатија белградскиот гигант.

Само неколку часа пред објавата за заминувањето на Гонзалес, оставка поднесе и претседателот Миљан Жугиќ, кој беше на функцијата од 2023 година. Со неговото повлекување, согласно со Статутот, заминува и целиот Управен одбор. Како главна причина за одлуката беше наведена неможноста да се обезбедат финансиски средства, во услови кога банкарската сметка на клубот е блокирана.

Проблемите се чувствуваат и во соблекувалната. Според српските медиуми, Партизан им должи на ракометарите една плата, додека на дел од играчите од минатата сезона им останале неисплатени уште две. Милош Кос веќе го напушти клубот и потпиша за германски Вецлар, а се најавуваат и можни дополнителни заминувања.

Ситуацијата е уште понепријатна ако се знае дека Партизан во изминатиот период беше еден од најуспешните српски клубови. Освои две последователни шампионски титули, минатата сезона се закити со четири трофеи, а по пауза од 13 години повторно се врати во Лигата на шампионите.

Сега, наместо за нови успеси, во Хумска главно се зборува за долгови, оставки и заминувања. Клубот, во следните 30 дена, треба да организира седница за избор на ново раководство, но дотогаш останува големото прашање како ќе функционира тимот и со каков состав ќе ја продолжи сезоната.

Ироничната реченица „Кој последен ќе излезе, нека го исклучи светлото“ сè повеќе ја опишува состојбата во Партизан. Од шампионски амбиции и враќање во европската елита, „црно-белите“ за кратко време се најдоа пред сериозна организациска и финансиска криза.

ИЗДВОЕНИ