По реакциите од јавноста за „Слушни ме“: – Деновиве читам секакви коментари и вести. И повторно гледам колку лесно судиме, а половично знаеме или воопшто не знаеме. Сакам една работа да биде јасна… ниту барав ниту мене ми се доделени пари. Поддршка доби документарен филм и еден многу посветен тим кој веќе две години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене. Не сакам проектот што зборува за разбирање, прифаќање и за поддршка да почне со поделби, напиша Марко Маринковиќ на официјалниот фејсбук-профил на Слаткаристика, посочувајќи дека одлучиле филмот „Слушни ме“ да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм

Не стивнуваат реакциите и превирањата по објавата на резултатите од првиот рок од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година на Агенцијата за филм.

По објавата дека режисерот Јани Бојаџи, продуцентот Дејан Милошевски и продукцијата „Револушн продакшн“ се откажуваат од реализацијата на долгометражниот игран филм „Татко“ и од доделените буџетски средства од 243.922 евра, и Марко Маринковиќ – Слаткаристика во објава на социјалните мрежи напиша дека се откажува од парите доделени од Агенцијата за филм. Станува збор за филмскиот проект „Слушни ме!“ во режија на Рaдован Петровиќ и продукцијата ОХО, биографски музички документарец за Слаткар, на кој Агенцијата за филм, на конкурсот, му додели 1.500.000 денари или 24.392 евра, а за што деновиве во јавноста имаше многу реакции.

– Деновиве читам секакви коментари и вести. И повторно гледам колку лесно судиме, а половично знаеме или воопшто не знаеме. Сакам една работа да биде јасна… ниту барав, ниту мене ми се доделени пари. Поддршка доби документарен филм и еден многу посветен тим кој веќе две години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене, напиша Марко Маринковиќ на официјалниот фејсбук-профил на Слаткаристика.

Во објавата додава дека е благодарен на Комисијата од Агенцијата за филм која ја препознала важноста на темата која ја обработува документарецот.

– Но, не сакам проектот кој зборува за разбирање, прифаќање и поддршка да започне со поделби. Затоа одлучивме филмот да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм. Продолжуваме понатаму… Заедно со сите наши поддржувачи, соработници и пријатели на кои сум им неизмерно благодарен. И со најважната поддршка од вас, луѓето што ме сакаат, почитуваат и ценат. Светот ќе го чуе гласот на најтивките. Се гледаме на премиера, додава Маринковиќ во објавата.

Претходно, со одговор на реакциите во јавноста се јави и Министерството за култура и туризам кое посочи дека „Слушни ме!“ не е филм кој се занимава исклучиво со музичката кариера на Слаткаристика, туку е документарец со јасна општествена, едукативна и инклузивна димензија.

– Филмот, преку личната приказна на Слаткар, ја отвора темата за говорните и комуникациските тешкотии кај децата и младите и ја истражува улогата на музиката и уметноста како можни алатки за надминување на овие предизвици, испраќајќи порака за прифаќање, еднакви можности и општествена инклузија. Особено е значајно што проектот обработува тема која директно засега голем број семејства во нашето општество. Преку автентична приказна и препознатлив јавен лик, филмот има потенцијал да придонесе кон подигнување на свеста за говорните и комуникациските тешкотии и да поттикне поширока јавна дебата за поддршката што им е потребна на овие деца и нивните семејства, посочија во соопштението од Министерството за култура и туризам.

Од Агенцијата за филм, пак, на прашањата на весникот ВЕЧЕР со ден задоцнување, ни одговорија дека во случај продуцентот официјално да се откаже од проектот, согласно со Законот за филмската дејност, барањето се доставува до Управниот одбор на Агенцијата, кој носи одлука за поништување на претходно донесената одлука за финансирање.

– Средствата потоа се пренаменуваат за следниот конкурс, односно во конкретниот случај за вториот рок од Конкурсот за 2026 година, велат оттаму.

На прашањето, пак, која е нивната реакција по однос на обвинувањата на режисерот Бојаџи и продуцентот Милошевски („Револушн продакшн“), како што велат тие, за „играње перфидни и тенденциозни игри“ на Агенцијата за филм, оттаму со одговор: „Управниот одбор на Агенцијата за филм ги носи одлуките за финансирање согласно Законот за филмската дејност и Правилникот за финансирање на филмски проекти од национален интерес во филмската дејност („Службен весник на РСМ“ бр. 23/2026). Сите проекти се оценуваат во законски утврдена постапка од стручни комисии, врз основа на јавно објавени критериуми. Агенцијата не коментира лични ставови и квалификации изнесени на социјалните мрежи.“

Од Агенцијата додадоа и дека до денес претпладне, немаа добиено официјално известување од продуцентската куќа „Револушн продакшн“ за откажување од доделените средства за проектот „Татко“. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ