Кошаркарот на Мајами, Бем Адебајо (28), одигра партија за паметење во НБА- лигата. На дуелот против Вашингтон, кој неговиот тим го доби со 150:129, постигна неверојатни 83 поени и влезе во историјата на најсилната кошаркарска лига. Неговиот настап е втор најдобар во историјата на НБА, веднаш зад Вилт Чемберлен и неговата легендарна игра од 100 поени.
Веднаш по неговата брилијантна партија, американските медиуми ја отворија „вратата“ за неговата животна приказна, која не е ни малку лесна.
Неговиот пат до врвот бил трнлив и тежок. Роден е како Едрис Феми Адебајо, на 18 јули 1997 година, во Њуарк, Њу Џерси. Не го поминал детството во луксуз и безбедност. Кога бил мал, неговата мајка, Мерилин, одлучила дека мора да го напуштат Њуарк, бидејќи не сакала тој да расте во насилна и опасна средина. Неговиот татко, етнички Јоруба Нигериец, ги напуштил и тој речиси и да немал контакт со него. Починал во 2020 година.
Бам и мајка му се преселиле во рурална Северна Каролина, каде што живееле многу скромно, во приколка на адресата „Черч Лејн“, 76. Ова место подоцна стана симбол на сè што Бем никогаш не сака да го заборави.
Неговата мајка работела како благајник во локална продавница за храна и често одела пеш на работа. Живееле тежок живот, со многу малку пари, но тој не можел да сфати во тоа време колку, всушност, се сиромашни.
Имал мајка што се борела за него, имал покрив над главата и чувство дека не е сам. Сепак, многу рано сфатил дека сака да ѝ го промени животот.
Во срцето на неговата животна приказна не е само кошарката туку и односот кон мајка си. Таа била личноста што го носела целиот нивни свет на грб и, како момче, тој одлучил дека еден ден ќе ѝ врати за сè што направила за него. Додека другите сонувале за слава и богатство, тој имал многу поедноставна цел: да ја извлече мајка си од сиромаштијата и да ѝ обезбеди помирен живот.
Затоа не е ни чудо што дури и подоцна, кога стана славен, постојано нагласуваше од каде доаѓа. Чуваше фотографија од старата приколка како потсетник, па дури и ја пишуваше адресата „Черч Лејн“, 76, на своите патики. За него, минатото не е нешто од што треба да се срами, туку причина за борба.
Интересно е што тој не бил типично кошаркарско чудо од мал. Не бил дете што пораснало во совршени услови, со приватни тренери и со многу внимание од скаутите. На почетокот бил суров играч, но имал нешто што не може да се научи – извонредна физичка сила, брзина и огромна волја за работа.
Како што растел, станувало јасно дека е различен од другите. Тој покажал огромен потенцијал во средно училиште, а потоа се префрлил на подобра програма и училиште за да докаже дека може да игра против најдобрата конкуренција. Тоа многу зборува за неговиот карактер. Не барал полесен начин, туку потежок предизвик. На крајот, станал еден од најценетите средношколци во Америка и се здобил со статусот на елитен талент.
При изборот на универзитет, тој не донесе одлука со срце, туку со глава. Знаеше дека му е потребна програма што најбрзо ќе го доведе во НБА, па затоа го избра Кентаки, едно од најпознатите места за развој на идни професионалци. Помина само една сезона таму, но тоа беше доволно за да го потврди својот огромен потенцијал. Во Кентаки, тој не беше играч кому сè му беше подредено. Тој го правеше она што се бараше од него – играше одбрана, скокови, блокови и внесуваше енергија. Токму оваа подготвеност да ја прифати улогата дополнително ги убеди клубовите од НБА дека е играч со силен карактер, а не само голем талент.
Во 2017 година, Мајами хит го избраа како 14. избор од првата рунда на драфтот на НБА. Тоа беше моментот кога формално стана НБА-играч, но, за него, тој чекор значеше многу повеќе од влегување во најсилната лига на светот. Тоа беше моментот кога успеа да го исполни ветувањето што долго го носеше во себе: да ѝ помогне на мајка си и да го промени животот на своето семејство.
Кратко по влегувањето во НБА, тој финансиски се грижеше за мајка си и покажа дека неговиот успех не е само за лична слава. Тоа беше потврда дека годините тежок живот, растењето во сиромаштија и постојаната борба имаат значење.
Можеби, токму ова е најважното нешто во целата приказна за него. Тој не го заборави почетокот. Не се обиде да ги избрише годините поминати во сиромаштија, туку ги претвори во дел од својот идентитет. Затоа неговата приказна не е само спортска приказна за талент и успех туку и приказна за жртвата на една мајка, за момче што пораснало во скромни околности и ја гледало НБА како пат кон подобар живот.
Бам Адебајо сега е ѕвезда, ол-стар играч и лице на Мајами хит, но зад сето тоа стои вистинска и тешка животна приказна – од приколка во Северна Каролина до најголемите НБА-сцени.











