Некогаш најдоминантната фигура во женската ММА, Ронда Роузи, една деценија откако ја загуби титулата, реши да го прекине молкот. Во шокантно интервју во емисијата „Анкраунд“ со познатата новинарка Ариел Хелвани, Роузи откри дека нејзините порази од Холи Холм и Аманда Нунес не биле само резултат на спортската доминација на нејзините ривалки, туку и резултат на тешки невролошки проблеми со кои се борела.

Ронда детално го опиша пеколот низ кој поминала за време на нејзиниот историски меч против Холи Холм во 2015 година, кога светот остана во шок со нејзиниот нокаут. Според неа, симптомите почнале веднаш на почетокот на борбата.

  • Добив силна мигренозна аура. Изгубив огромен дел од моето видно поле, ја изгубив перцепцијата на длабочината и способноста да размислувам јасно и брзо или да следам предмети што се движат. Сепак, сè уште стоев на нозе и имав рамнотежа, призна Ронда.

Таа додаде дека целиот свој живот била тренирана да не покажува болка, што во тој момент ја чинеше здравје.

  • Целата таа борба беше само мој обид да го скријам фактот дека не можев да гледам и дека не можев да размислувам, додава поранешната шампионка.

Откако загубив од Холм, а потоа и од Аманда Нунес за само 59 секунди, јавноста беше немилосрдна. Роузи вели дека критиките за нејзината интелигенција и боречки квалитет најмногу ја повредиле.

  • Се чувствував како да ме оценуваат за мојата боречка интелигенција, а никој не знаеше дека, всушност, не можев да гледам додека ме удираше. Знаев дека мојата кариера е завршена затоа што не можев да поднесам уште еден удар во главата, вели поранешната шампионка.

Роузи истакна дека во најтешките моменти, никој друг освен претседателот на УФЦ, Дана Вајт, не ѝ помогнал. Тој ѝ обезбедил третман во престижна клиника во Кливленд, каде што била подложена на превентивни третмани за невролошки симптоми поврзани со мигрена. Токму оваа медицинска интервенција ѝ овозможила да се чувствува способна повторно да се бори денес, како мајка на две деца.

Она што најмногу ги возбудува фановите ширум светот е потврдата за нејзиното враќање. Според „Њујорк пост“, Ронда се подготвува да биде главна ѕвезда на настанот кој ќе биде снимен на Нетфликс.

Нејзина противничка ќе биде уште една пионерка на спортот – Џина Карано.

  • Сè мораше да се случи вака за да се вратам во ММА. Не само за мене и мојата кариера, туку за да го променам целиот пејзаж на спортот со оваа борба, заклучи Ронда, нагласувајќи дека сака да ја заврши кариерата под свои услови и со целосно разбирање на нејзината здравствена состојба.

 

ИЗДВОЕНИ