Израел денес ги затвори пристапните точки кон градот Хеброн на окупираниот Западен Брег и расели голем број луѓе, по напад извршен од вооружени Палестинци, во кој, според наводите од Ерусалим, загинаа двајца војници.
Такси-возила се собраа на влезовите во градот, кои се под контрола на израелската војска, чекајќи ги Палестинците, од кои сега се бара да го поминат тој простор пеш.
Според локални канали на „Телеграм“, сите влезови и излези од градот се непроодни за возила.
Палестинската агенција „Вафа“ денеска објави дека израелската војска принудила десетици жители на Хеброн да ги напуштат своите домови.
Израелската војска вчера соопшти дека, како одговор на убиството на двајца војници и ранувањето на други, започнала со „спроведување прецизни, насочени и темелни претреси“ во областа Хеброн, од каде што дејствувале двајцата напаѓачи.
Ваквите затворања стануваат сè почести на Западниот Брег, при што им оневозможуваат на Палестинците да одат на работа или на училиште и го ограничуваат нивното движење меѓу селата.












