Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, го прогласи петокот, 15 мај, за национален ден на жалост во спомен на жртвите од големиот руски напад врз главниот град во кој загинаа седум лица.
„Утре, знамињата на сите општински згради во градот ќе бидат спуштени на половина копје. Исто така, се препорачува националните знамиња да бидат спуштени на половина копје на јавните и приватните згради. Сите забавни настани ќе бидат забранети во градот на 15 мај“, напиша Кличко на социјалните медиуми.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија употребила 1.567 дронови и 56 ракети од различни видови против неговата земја во нападите на 13 и 14 мај.
„Нашата стапка на пресретнување на дронови достигна 94 проценти. Стапката на пресретнување на ракети беше 73 проценти“, рече Зеленски на „Телеграм“.
Украинскиот претседател додаде дека главниот предизвик се однесува на балистичките ракети, како и на заштитата на илјадници инфраструктурни објекти во задните делови и сите украински градови, пренесе „Бета“.












