Цените на нафтата денес пораснаа по седми пат по ред, достигнувајќи го највисокото ниво од почетокот на април. Покрај блокадата на Ормускиот теснец, скокот беше под влијание и на ненадејното повлекување на Обединетите Арапски Емирати од Организацијата на земјите извознички на нафта ОПЕК Плус, објави „Трејдинг економикс“.
Цената на нафтата Брент беше на ниво од 112 долари за барел, а американската сурова нафта WTI (Западен Тексас Интермедијар) на околу 100 долари за барел.
Излегувањето на ОАЕ од ОПЕК не ги ублажи значително ограничувањата за снабдување, бидејќи секое зголемување на производството сè уште се соочува со клучна логистичка пречка – затворениот Ормуски теснец.
Пазарите остануваат фокусирани на одговорот на американскиот претседател Доналд Трамп на најновиот предлог на Иран за прекин на конфликтот, иако извештаите сугерираат дека Вашингтон не е задоволен, бидејќи нуклеарната програма на Иран останува клучна точка на сопнување.
И покрај примирјето кое во голема мера е во сила од почетокот на април, меѓусебните блокади на Ормускиот теснец од страна на Иран и САД го намалија сообраќајот низ теснецот на речиси нула.
Ова дополнително ги зголемува ризиците за снабдување, со оглед на тоа што околу 20 проценти од глобалните енергетски текови минуваат низ оваа рута, објави „Танјуг“.
Конфликтот, кој сега е во деветтата недела, доведе до нагло зголемување на цените и дополнително заострување на условите за снабдување на светскиот пазар.












