Изложбата „Поместени граници“ која е дел од годинешното „Скопско лето“, како што посочуваат од ДЛУМ, традиционално ги обединува современите уметнички практики што ги истражуваат актуелните индивидуални и колективни искуства преку визуелниот израз. Ги преиспитува постојните уметнички пристапи и поттикнува нови, нестандардни начини на создавање ликовно дело
Традиционалната биенална изложба на ДЛУМ, „Поместени граници“, чиј организатор е Друштвото на ликовни уметници на Македонија, од завчеравечер е отворена во просторот на уметничката резиденција „Македонида“ во Скопје. Кураторка на оваа изложба, чиј концепт со наслов „Разбудени сеќавања“ е насочен кон индивидуалните мемории, е историчарката на уметност, Гордана Велков, а посетителите до 2 јули ќе можат да ги видат делата на уметниците: Маја Гечиќ – Белград, Р Србија, Ивана Настески, Зулејха Зибери, Ана В’чкова, Елена Гелева, Нина Богуновиќ, Душан Георгиевски, Енеса Мемети, Давор Кешќец, Вук Митевски и Стефан Анчевски.
Изложбата „Поместени граници“, која е дел од годинашното „Скопско лето“, како што посочуваат од ДЛУМ, традиционално ги обединува современите уметнички практики што ги истражуваат актуелните индивидуални и колективни искуства преку визуелниот израз. Ги преиспитува постојните уметнички пристапи и поттикнува нови, нестандардни начини на создавање ликовно дело.
– На мое задоволство, бев повикана годинава да бидам кураторка на оваа изложба на која и сите учесници со големо задоволство го развиваа концептот „Разбудени сеќавања“ во рамките на просторот, резиденцијата „Македонида“. Целта беше да се разбудат сеќавања на секој од уметниците посебно и тие сеќавања да станат и колективна меморија. Во резиденцијата се случуваа разговори со уметниците, запознавање со содржината, мотивот и техниката. Неколкудневен резиденцијален престој во куќата имаше само уметницата од Србија Маја Гечиќ, а нејзиното дело инспирирано од елементите во куќата и просторот, исто така, целосно се вклопи во концептот преку техниката сув и влажен филц со сирова волна извезен на хартија. Останатите уметници ги донесоа своите дела и ги вклучија успешно во амбиентот. За изложбата, која и овој пат ги помести границите, имаше голем интерес и покажа дека Македонија има талентирани уметници, посочи, меѓудругото, кураторката Гордана Велков.

Претседателката на ДЛУМ проф. д-р Јана Манева-Чупоска, пак, истакна дека идејата беше и годинава на авторите да им се понуди еден провокативен, алтернативен простор кој излегува од класичните димензии, галерија, музеј… Концептот, генерално на оваа изложба, е некласичен и посовремен и нуди поалтернативни решенија, простор и инсталации од страна на уметниците.
– ДЛУМ како, организатор на изложбата, ја покани Гордана Велков, која заедно со уметничкиот совет на ДЛУМ и претседателката проф. д-р Маја Рануник-Кирков ги селектираа авторите што ќе бидат учесници на изложбата. Гостинката од Белград Маја Гечиќ беше дел од изложбата на покана на ДЛУМ и таа како единствен автор кој престојувал во куќата „Македонида“ најмногу имаше можност да се инспирира од самиот објект со карактеристична архитектура и мебел од минатиот век. Сите автори имаа сосема нова продукција за изложбата, а им се допадна и куќата и соработката со куракторката која им понуди и предмети за инсталации кои се земени од куќата и адаптирани во ликовен концепт. Соработката даде одличен резултат, а покажа дека и скопската публика е желна за вакви настани, посочи Манева-Чупоска.
Инаку, на изложбата беше присутен и дел од дипломатскиот кор во државата, кинеската амбасадорка Н. Е. Џијанг Сјаојен, шпанскиот амбасадор Н. Е. Рафаел Сориано Ортиз, како и директорот на Францускиот институт, Грегоар Жислер… со можност да се направи соработка со ДЛУМ и со уметниците од нивните земји.
(Д. Т.) Фото: П. Стојановски













