среда, јули 1, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Земјоделството заглавено во кал, ќе успее ли новиот министер да го извлече?

Земјоделството заглавено во кал, ќе успее ли новиот министер да го извлече?

Новиот министер, Борче Серафимовски, ќе го преземе ресорот во период на зголемено незадоволство во секторот. Протестите на сточарите и на земјоделците во Битола, барањата за итна исплата на субвенциите, ниските откупни цени и најавите за нови блокади покажуваат дека трпението на земјоделците е прикрај. Иако исплатата на субвенциите останува едно од главните барања, проблемите одамна не се сведуваат само на тоа. Земјоделците бараат сигурен пласман, фер откупни цени и предвидливост. Велат дека не може да го планираат производството ако не знаат кога ќе ги добијат субвенциите, по која цена ќе го продадат родот и дали ќе ги покријат трошоците

36

Реконструкцијата на Владата го отвори прашањето дали Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе добие само нов министер или, конечно, и нов пристап во решавањето на долгогодишните проблеми на земјоделците. Новиот министер, Борче Серафимовски, ќе го преземе ресорот во период на зголемено незадоволство во секторот. Протестите на сточарите и на земјоделците во Битола, барањата за итна исплата на субвенциите, ниските откупни цени и најавите за нови блокади покажуваат дека трпението на земјоделците е прикрај.

Иако исплатата на субвенциите останува едно од главните барања, проблемите одамна не се сведуваат само на тоа. Земјоделците бараат сигурен пласман, фер откупни цени и предвидливост. Велат дека не може да го планираат производството ако не знаат кога ќе ги добијат субвенциите, по која цена ќе го продадат родот и дали ќе ги покријат трошоците.

Новиот министер за земјоделство, Борче Серафимовски, е актуелен државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и потпретседател на ЗНАМ. Доктор е по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнис-менаџер и дипломиран дефендолог. Во изминатите две години ја извршуваше функцијата државен секретар во Министерството, што значи дека добро ги познава состојбите во секторот и ќе има можност без подолг период на адаптација веднаш да се зафати со најгорливите проблеми во земјоделството. Реконструкцијата на Владата неизбежно го отвора и прашањето каква состојба остава досегашниот министер: доцнење на субвенциите, нестабилен систем за откуп на земјоделските производи, несигурен пласман и незадоволни производители. Одговорите што доаѓаат од терен покажуваат дека расте незадоволството и дека новиот министер ќе мора да покаже конкретни резултати уште на самиот почеток.

– Од новиот министер очекуваме сериозно да се зафати со решавање на проблемите во земјоделството и да ја врати довербата на производителите во институциите на системот. Изминатите години бевме сведоци дека многу проблеми, наместо да се решаваат, се туркаа под тепих. Нашите барања се дефинирање на откупните цени за растителното и за сточарското производство, гарантирани цени за пченицата, навремено исплаќање на субвенциите и навремено аплицирање за нив. Во моментов, во голем број сектори има неисплатени субвенции за 2025 година, а во некои и од 2024 година – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Сојузот на земјоделци од Струмица, Ристо Велков.

Тој се надева дека новиот министер нема да седи само во канцеларија, туку ќе биде постојано на терен и директно ќе разговара со земјоделците.

– Со оглед на тоа што доаѓа од секторот, ги знае проблемите и очекуваме околу себе да собере луѓе што го познаваат земјоделството и да понудат конкретни решенија, а не, како што беше случај досега, советници што немаат допирна точка со аграрот – вели Велков.

Тој додава дека земјоделците со нетрпение го очекуваат ребалансот на буџетот, бидејќи треба да им се исплатат дополнителните финансиски средства по основ на единица површина, грло добиток и произведена количина.

– Доцнењето на овие средства и неможноста да аплицираме за субвенции го зголемија револтот кај земјоделците. Незадоволството веќе почна да се прелева на улица – додава Велков.

Претседателот на Здружението „Пелагониско Поле“, Тони Петковски, очекува новиот министер, по сите турбуленции што се случуваа во секторот, вклучително и аферите што ја нарушија довербата во институциите, конечно, да воспостави ред во земјоделството.

– Земјоделството е тежок сектор. Тука се произведува храната од која зависи целата држава. Очекуваме новиот министер да се сретне со сите земјоделски здруженија, да ги сослуша проблемите на терен, да ги исплати заостанатите субвенции, да воведе гарантирани откупни цени за пченицата, да ги реши проблемите со неконтролираниот увоз и да го заштити домашното производство во екот на жетвата и бербата. Нашето производство е со скапа нафта, скапи ѓубрива, скапи репроматеријали и повеќе не можеме да ги продаваме производите по што било – изјави Петковски за весникот ВЕЧЕР.

Според него, македонското земјоделство со години бележи пад.

– Ако досега тонеше земјоделството, сега очекуваме, конечно, да го запре падот и повторно да почне да се развива. На земјоделците не им требаат нови ветувања, туку сигурност дека ќе биде вреднуван нивниот труд и дека ќе може достоинствено да живеат од своето производство – вели Петковски.

Прв тест за новиот министер нема да биде само исплатата на заостанатите субвенции. Ќе треба да покаже дека државата има јасна стратегија за развој на земјоделството и дека ќе ги решава проблемите системски, а не само кога ќе излезат производителите на улица.

За илјадниците семејства што живеат од земјоделството, реконструкцијата на Владата нема да се мери според тоа кој ќе седне во министерската фотелја, туку според тоа дали, конечно, ќе почнат да се решаваат старите проблеми. Земјоделците очекуваат нов почеток, а првите потези на новиот министер ќе покажат дали станува збор само за кадровска промена или за вистинска промена во политиките кон македонскиот аграр.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ