Двајца полициски службеници од Прифатниот центар за странци се соочуваат со кривични пријави по два одделни инцидента во кои жртва е жена привремено задржана во центарот. Едната полицајка е осомничена за кражба на златен и сребрен прстен и 3.000 денари, додека раководител на смена е пријавен за полово вознемирување.
Според информациите од МВР, кражбата се случила на 28 септември, кога полицајката Б.Д., при преглед на чантата на мајката на задржаната жена, наводно ги одзела накитот и парите.
Два дена подоцна, на 30 септември, раководителот на смена Б.М. влегол во просторијата во која била сместена жената и, според пријавата, со вербално и физичко однесување и преку електронски средства за комуникација преземал дејствија со сексуални конотации.
Од МВР посочуваат дека со ваквото однесување биле повредени достоинството и личниот интегритет на жената, која се наоѓала во состојба на подреденост и кај која биле предизвикани страв, понижување и непријатност.
Одделот за внатрешна контрола поднел кривични пријави до ОЈО ГОКК против двајцата полициски службеници. Против нив ќе се води и дисциплинска постапка, а МВР ќе предложи нивно отстранување од работните места до завршување на постапките.












