Холандското јавно обвинителство нуди награда од два милиона евра за информации што би довеле до апсење на осудениот трговец со кокаин, Јос Лејдекерс. Од надлежните органи изјавија дека наградата се нуди во обид да се фати еден од најбараните бегалци во Европа, кој со години ѝ бега на правдата.
Ова е најголемата награда што некогаш ја понудиле властите во Холандија.
Наградата е достапна за секој што ќе даде клучна информација која ќе доведе до апсење на Лејдекерс, се наведува во соопштението. Според Холандското јавно обвинителство, Лејдекерс е холандски државјанин кој во последните неколку години живее во Сиера Леоне. Холандија побара негова екстрадиција од оваа африканска земја, но властите во Сиера Леоне одбија да соработуваат за негово предавање – потег што ја наведе ЕУ да ја намали помошта за таа земја, пренесува „Индипендент“.
Познат и под прекарот „Боле Јос“ (Bolle Jos), тој од страна на холандските власти се смета за клучна фигура во меѓународната трговија со дрога. Со години тој се наоѓа на листите на најбарани бегалци, како на Европол, така и на Холандија.
Во јуни 2024 година, судот во Ротердам во отсуство го осуди на 24 години затвор за увоз на приближно 7.000 килограми кокаин преку пристаништата во Ротердам и Антверпен, како и за нарачување убиство. Во мај 2026 година, тој беше осуден на осум години затвор во врска со 11 тони кокаин од Сиера Леоне, во вредност од 550 милиони евра, а во јули 2026 година доби казна од 14 години затвор како дел од големиот случај „Коста“, во кој обвинетите се товарат за увоз на најмалку 25 тони кокаин.












