Нагризана доверба, која води кон преиспитување на односите во владината коалиција и по која може да се трасира патот кон предвремени парламентарни избори в година. Вакви се првите оцени за последиците по прексиноќешниот епилог на вонредните избори за градоначалник на Општина Брвеница, каде што триумфираше кандидатот на опозициската партија ДУИ наспроти фаворитот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Официјалните податоци покажаа дека заедничкиот кандидат на коалицијата НАИ предводена од интегративците, Аркин Јахији, освоил 4.442 гласа, односно 265 гласа повеќе од кандидатот на власта, Стојан Радичевски, за кого доверба искажале 4.177 граѓани. Изборниот епилог по гласањето на вкупно 7.572 граѓани во Општината, која има вкупно 13.645 жители, од кои 7.377 се Албанци, а 5.715 Македонци, најмногу изненади од причина што се веруваше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие поддршката на коалицискиот партнер во Владата – Вреди. Но, епилогот не го покажува тоа, туку дека 1.528 гласа, кои во првиот круг ги освоил кандидатот на Вреди – Јакуп Хисени, извесно завршиле на контото на предлогот на ДУИ, Јахији, кој во првиот круг, со освоените 2.152 гласа, имаше за 793 гласа помалку од Радичевски, кој тогаш ја доби довербата од 2.945 граѓани.
Конечно, пребројувањето во неделата, на гласачките кутии во 24 населени места во оваа општина во Полошкиот Регион, веднаш ги отвори дилемите на што се должи победата на Јахији. Негласање на приврзаниците на Вреди, масовно донесување гласачи Албанци со авиони од странство, во режија на ДУИ, отсуство на поддршка од гласачите Македонци што се опозициски настроени… е само дел од објаснувањето што дојде од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Партнерот во Владата како тројански коњ
Пратеничката на оваа партија, Дафина Стојановска, веднаш по дознавањето дека претрпеле пораз, го впери прстот за вина кон партнерот во Владата – Вреди.
– Вреди во вториот круг, очигледно, се приклучила кон кандидатот на ДУИ. Ние работевме одделно на овие избори, а тие решиле да работат за другата страна. Жалиме што Вреди не ја искористи оваа можност да покаже дека е поразлична од ДУИ, туку исто како и СДС и Левица. Мислам дека ја одигра улогата на тројански коњ и одигра за ДУИ – потенцира Стојаноска.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, порача дека во изборниот процес биле сами против сите.
– Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршка на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување гласови. Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист од 3.000 на 4.200, а во однос на парламентарните избори имаме раст од 1.300, но, за жал, недоволно за целосна победа – нагласи Мицкоски во објавата на социјалните мрежи.
На ова дојде и одговор од партијата Вреди, од каде што порачаа дека тие не може да ги контролираат гласовите на граѓаните.
– Ниту една политичка партија не ги контролира гласовите и не може да тврди дека е нивни сопственик. Гласовите им припаѓаат на граѓаните, кои се слободни да одлучат кому ќе му ја доверат својата поддршка. Ова е демократски принцип што мора сите да го почитуваат. Изборниот исход покажа дека не може да се гради граѓански модел со повици за етничко гласање. Политичката реторика заснована на етнички поделби може дополнително да ги продлабочи разликите меѓу заедниците – потенцираа од редовите на Вреди.
Според политичките аналитичари, изборите во Брвеница не треба да се анализираат исклучиво низ призмата на етничката припадност, партиската дисциплина или организациската мобилизација.
– Брвеница претставува своевиден политички барометар на расположението на граѓаните и на пошироко, републичко ниво. Секако, етничката мобилизација, меѓупартиските договори, излезноста и организирањето на гласачите од дијаспората можеле да имаат влијание врз резултатот. Но, површно би било да се објаснува целиот исход само со еден од овие фактори. Изборите покажаа и нешто друго: дека гласачите не се сопственост на партиите и дека коалициските договори на политичките елити не значат автоматски и пренесување на гласовите на терен. Особено индикативна е позицијата на Вреди. Ако се споредат резултатите со претходните локални избори, се забележува пад од приближно 500 гласа во период од една година. Ова е сериозен политички сигнал за коалиција што е дел од централната власт. Таквиот резултат го отвора прашањето дали успева Вреди да ги задржи својот политички авторитет и довербата кај албанското гласачко тело. Мојата оцена е дека Брвеница e показател за пошироките политички расположенија, иако се потребни и дополнителни изборни показатели – наведува аналитичарот Џенур Исени во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Криза во меѓусебната доверба
Ваквата оцена го наметнува прашањето дали може да се очекува по неделното гласање промена на односите во владината коалиција и евентуално отворање на патот кон предвремени парламентарни избори в година. Пратеничката Дафина Стојаноска кажа дека овие избори, сепак, не се тест за владината коалиција.
– Овие избори нема да бидат тест за оваа владина коалиција, туку, напротив, тест за коалицијата е реализацијата на владината програма, која засега сметам дека се одвива според планираното – наведе Стојаноска.
Од опозицискиот СДСМ порачаа дека се работи за намерна кавга меѓу коалициските партнери за да се прикрие скандалот со Алта банка.
– Мицкоски се обидува да си обезбеди алиби за предвремени избори. Наводната кавга со Вреди поради губењето во Брвеница е само димна завеса. Општината не може да биде покритие за голем проблем како Алта банка. Мицкоски бара спас во предвремени избори, со надеж дека ќе може да избегне одговорност за криминалот, корупцијата, трансферот на дрога преку граница и за учеството во криминалната организација заедно со Александар Вучиќ. Она што му останува на Мицкоски, без да признае, се вонредни избори – нагласија опозициските социјалдемократи.
Но, според аналитичарот Џенур Исени, изјавата во која Вреди се нарекува „тројански коњ“ во владината коалиција не е обична политичка реторика.
– Тоа е сериозна порака за нарушена доверба меѓу коалициските партнери. На претходните локални избори, ВМРО-ДПМНЕ директно ѝ помогна на Вреди во повеќе општини. Оттука, сосема е разбирливо што во ВМРО-ДПМНЕ постоеле очекувања за политички реципроцитет во Брвеница. Но, токму тука се појавува суштинскиот проблем: едно е договорот меѓу партиските раководства, а сосема друго е однесувањето на гласачите. Oва може да се толкува и како криза на меѓусебната доверба, но и како почеток на преиспитување на политичката исплатливост на постојната коалиција. Не би ги потценил овие јавни препукувања. Тие може да бидат симптом на подлабоки политички несогласувања, кои досега биле прикривани со коалициската дисциплина – потенцира Исени во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека не може еден локален изборен резултат сам по себе да предизвика предвремени парламентарни избори.
– Но, Брвеница може да биде почеток на процес, еден катализатор, во кој ќе се преиспитуваат односите, политичките интереси и идните коалициски комбинации. Особено внимание заслужува фактот што несогласувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди сè повеќе излегуваат во јавност. Ваквите пораки може да се читаат и како дел од подготовката на политичкиот терен за евентуални предвремени парламентарни избори. За Вреди, дополнителен проблем е што резултатите во Брвеница го отвораат прашањето за нејзината реална политичка тежина кај албанските гласачи. Според мојата процена, коалицијата веќе има сериозен проблем со авторитетот кај значителен дел од албанското гласачко тело – нагласува овој аналитичар. (Б. Ѓ.)
Новиот градоначалник ѝ се заблагодари на дијаспората, која дошла со авиони да гласа
Новоизбраниот градоначалник на Брвеница, Аркин Јахији, им изрази особена благодарност на граѓаните во дијаспората, кои придонеле за неговата победа и кои со авиони допатувале да гласаат.

– Ѝ благодарам на нашата драга дијаспора, која не штедеше ништо. Бог нека ве награди. Ние ќе бидеме вашиот глас во татковината. Денес излеговме со кренати глави – рече Јахији.
Со фотографии објавени на социјалните мрежи, поддржувачи на ДУИ потврдија дека дошле со авиони на гласање на предвремените локални избори во Брвеница.
– За родното место нема замор, постои само љубов. Честитки до сите жители на нашата општина, кои покажаа единство и граѓанство на највисоко ниво – пишува во објава на „Фејсбук“.
Ахмети: Македонија не им припаѓа ниту на Мицкоски, ниту на Црвенковски
Лидерот на ДУИ Али Ахмети прексиноќа порача дека е природно општина во која живеат 65 отсто албанско население да има градоначалник Албанец.
-Одредени македонски политичари постапија несоодветно нарекувајќи го нашиот претставник ‚криминалец“. Избрзаните изјави не придонесуваат за соживотот. Македонија не им припаѓа ниту на Христијан, ниту на Бранко Црвенковски; Македонија е татковина на Албанците – автохтон народ кој никогаш не претставувал товар за никого, додека другите биле товар за нас. Ние сме народ-основач на државата и преземаме одговорност за оваа земја – нагласи Ахмети.












