Владата го продолжи рокот за постоење кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и со нафтени деривати. Со новата одлука, мерката ќе остане во сила до 20 октомври. Кризната состојба беше прогласена на 22 март 2026 година, со времетраење до 20 јули. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека мерките за намалување на даночното и на акцизното оптоварување имале финансиски ефект врз државниот буџет.
– Тие мерки нè чинеа приближно 25 милиони евра, но успеавме да обезбедиме убедливо најниски цени на горивата во регионот и да го заштитиме стандардот на граѓаните – изјави Мицкоски.
Пазарите на сурова нафта остануваат на штрек, а трговците внимателно ќе следат што ќе се случува понатаму, бидејќи секоја нова криза може повторно да ја придвижи цената на нафтата нагоре
Владата го продолжи рокот за постоење кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и со нафтени деривати. Со новата одлука, мерката ќе остане во сила до 20 октомври, со што се продолжува механизмот што ѝ овозможува на државата навремено да реагира доколку се појави нарушување на пазарот или значителни ценовни промени на меѓународните пазари на енергенси.
Од Владата информираа дека продолжувањето на кризата има превентивен карактер и има цел да обезбеди континуитет во институционалното постапување, стабилно снабдување со нафта и со нафтени деривати и можност за брзо преземање мерки доколку околностите го наложат тоа.
Одлуката, по усогласување во рамките на владините процедури, ќе биде доставена до Собранието на разгледување и донесување, согласно со законските надлежности.
Кризната состојба беше прогласена на 22 март 2026 година, поради процената за можност од нарушување при снабдувањето со нафта и со нафтени деривати. Правниот основ за нејзиното донесување беше член 31 став 1 од Законот за управување со кризи. Првично кризата беше утврдена за период од 30 дена, а на 16 април 2026 година Собранието го продолжи нејзиното времетраење до 20 јули, поради процените дека и понатаму постојат ризици поврзани со меѓународните пазари на нафта.
Во периодот на важење на кризната состојба, Владата не воведе ограничувања за граѓаните и за компаниите. Не беше воведена рационализација на потрошувачката, немаше ограничување на продажбата на бензин и на дизел, ниту рестрикции за транспортниот сектор. Наместо тоа, Владата презеде економски мерки за ублажување на ценовниот притисок, меѓу кои намалување на ДДВ за нафтените деривати од 18 на 10 проценти и намалување на акцизите за бензините и за дизелот. Движењето на цените го следеше Регулаторната комисија за енергетика.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека мерките за намалување на даночното и на акцизното оптоварување имале финансиски ефект врз државниот буџет.
– Тие мерки нè чинеа приближно 25 милиони евра, но успеавме да обезбедиме убедливо најниски цени на горивата во регионот и да го заштитиме стандардот на граѓаните – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе продолжат мерките за намалени акцизи и ДДВ за горивата.
Тој посочи дека Владата ѝ останува посветена на политиката за заштита на стандардот на граѓаните.
– Имаме убедливо најниска цена на горивото. Некој ќе рече дека платите кај нас се различни од оние во Германија, но цената на горивата е берзанска. Од истите пазари набавуваат и другите земји. Прашањето е зошто во Албанија е 70 проценти поскапо, зошто во Грција е речиси двојно поскапо, а во Србија околу 50 проценти поскапо – рече Мицкоски.
Нов скок на цените на нафтата – пазарите повторно на штрек
Цените на нафтата повторно тргнаа нагоре, а берзите се најдоа под притисок поради новите тензии во светот. Црното злато пак поскапи откако се загрижија трговците дека може да има проблеми со снабдувањето. Фјучерсите за суровата нафта брент пораснаа за 70 центи и достигнаа 84,93 долари за барел, додека американската ВТИ-нафта скокна за 81 цент, до 79,76 долари за барел. Со ова, двата главни вида нафта од почетокот на неделата бележат раст од речиси 12 проценти. Брент нафтата „гази“ по третата недела со добивки, а ВТИ се надева на втора недела по ред во плус.
Пазарот, како што велат аналитичарите, е напнат и секоја нова вест може дополнително да ги раздвижи цените. Тие оценуваат дека ситуацијата во Црвеното Море може да стане нова главоболка при снабдувањето со нафта. Дополнителните ризици во Хормускиот Проток и Црвеното Море ги држат цените под притисок и додаваат уште една „геополитичка премија“.
Од компанијата „Ај-џи“ сметаат дека американската ВТИ- нафта би можела да се искачи до околу 85 долари за барел, доколку успее да го задржи сегашното ниво на поддршка. Новото поскапување дојде по американските воздушни напади врз цели покрај јужниот брег на Иран, што повторно ги разгоре стравувањата дека конфликтите на Блискиот Исток може да го разнишаат снабдувањето со енергенси.
(С. Бл.)












