Патувачката изложба „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“, на која се презентираат 80 објекти, градежно-инженерски проекти и пејзажи од сите 47 префектури во Јапонија, е отворена во Музејот на современата уметност во Скопје, а посетителите ќе можат да ја видат до 16 септември. Интересно е дека проектите се изложени на структури што потсетуваат на оригами, традиционална јапонска вештина за правење уметнички фигури со виткање на хартија.

– Изложбата претставува 80 примери на објекти, инженерски градби, пејзажи и други дела од сите префектури на Јапонија, прикажани преку фотографии, текстови и видеоматеријали. Таа осветлува еден поретко разгледуван аспект на Јапонија, истражувајќи како Јапонците се соочувале и живееле со природната средина и како низ тие предизвици создале и го зачувале локалниот идентитет, велат од Јапонската амбасада во Скопје за изложбата.

Во рамките на изложбата, посетителите ќе можат да се запознаат и со некои од највлијателните јапонски имиња во современата архитектура и дизајн. Меѓу нив се добитниците на Прицкеровата награда, Шигеру Бан и Арата Изозаки, како и Кенго Кума, Јошио Танигучи, Тадао Андо и, секако, Кензо Танге – творци чии дела оставиле траен белег врз светската архитектонска и културна сцена.

Фото: Јапонска фондација

– Осумдесетте проекти се изложени на структури што потсетуваат на оригами – преклопени, аголни и понекогаш кубични форми изработени од шперплоча, внимателно распоредени на подот во Музејот на првиот кат. Нивниот распоред потсетува на стилизирана карта на јапонскиот архипелаг и неговите четири главни острови: Хокаидо, Хоншу, Шикоку и Кјушу. Доживувањето дополнително го збогатуваат серија видеопроекции, додаваат од Јапонската амбасада.

Куратори на изложбата се Шунсуке Кураката (вонреден професор, Универзитет на град Осака), Сатоши Хачима (професор, Технолошки институт Чиба) и Кенџиро Хосака (куратор, Национален музеј на модерна уметност, Токио).

Фото: Јапонска фондација

– Од снежниот север до суптропскиот југ, јапонскиот архипелаг опфаќа богата разновидност на пејзажи и климатски услови. Животот во средина изложена на земјотреси, вулкани, цунами и сезонски бури поттикнал култура на приспособување и отпорност. Архитектурата на земјата претставува сведоштво за оваа издржливост, откривајќи длабоко разбирање и почит кон силите на природата. Набљудувана низ призмата на изградената средина, Јапонија се појавува како пејзаж обликуван од постојаниот дијалог меѓу архитектурата, инженерството и природата, истакнуваат од Јапонската амбасада.

Преку оваа изложба, посетителите можат да ја видат Јапонија од поинаква перспектива, откривајќи приказни за истрајност, снаодливост, креативност и културно богатство вградени во нејзиниот простор.

Фото од Фејсбук од МСУ и од Друштво на Македонско-Јапонско пријателство и соработка, како и веб страница на Јапонската фондација

ИЗДВОЕНИ