Во изборната 2025 година, 63 општини поделиле најмалку 4 милиони евра на повеќе од 58 илјади граѓани за најразлични потреби – од новороденчиња и првачиња, до пензионери, свадби, велосипеди и фасади. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека помошта се делела по дури 92 различни основи, но без единствени правила и износи. Во зависност од тоа каде живеат, граѓаните за иста потреба можат да добијат и неколкукратно различна сума

„Каде што живееш – таму и ти е „среќата“. Вака со неколку збора може да се опише помошта што општините ја делеле на свои граѓани. Во една општина, за новородено дете ќе добиеш 3.000 денари, во друга 10.000, а во трета 30.000. Ако си прваче, некаде ќе ти дадат 2.000 денари, некаде 8.000. А ако си над 35 години и си се оженил или омажила во Конче, општината може да ти исплати дури 100.000 денари.
Ова е само дел од сликата што ја открива истражувањето на парите што општините во земјава ги делат на своите жители. Во изборната 2025 година, 63 општини потрошиле најмалку 4.056.482 евра за различни видови финансиска помош, субвенции и дотации. Со тие средства биле опфатени 58.290 граѓани.
И парите и бројот на корисници се зголемени во споредба со 2024 година. Лани општините поделиле речиси еден милион евра повеќе, а бројот на граѓани кои добиле некаква помош е поголем за речиси 13 илјади. Од Центарот за граѓански комуникации кои го направиле истражувањето, велат дека ова не е конечната сметка. Реалната сума може да биде и поголема, бидејќи дел од општините не ги доставиле сите податоци што биле побарани.
Кога ќе се погледне за што се трошеле парите, списокот е навистина долг. Општинските буџети стигнувале до новороденчиња, првачиња, средношколци, матуранти, млади, пензионери и лица во социјален ризик. Но, помошта не застанува тука. Се делеле ранци и училиштен прибор, дрва и униформи. Се субвенционирало купување велосипеди, тротинети, дигитални уреди, пелети, печки за пелети и клима-уреди. Се помагало со комунални сметки, превоз и паркинг, а некои општини покривале дел од трошоците за полагање возачки испит. Пари се давале и за санација на покриви, замена на прозорци, фасади и лифтови. Има стипендии, награди за првенци на генерација, најдобри ученици, наставници, полицајци, пожарникари, доктори и земјоделци.
Но, интересно е што пари се давале и за склучување на брак. Имено, Општина Конче исплатило 100.000 денари на лице над 35 години кое стапило во брак. Тоа е највисокиот поединечен износ што е утврден во истражувањето. Најчеста причина за општинска помош е, сепак, раѓањето дете. Дури 50 општини даваат пари за секое новородено дете. Но, и тука нема едно правило. За новороденче може да добиете од 3.000 до 30.000 денари. Највисокиот износ од 30.000 денари го дава Општина Старо Нагоричане.
За првачиња пари или друга помош даваат 38 општини. Сумите се движат од 2.000 до 8.000 денари, а највисоката помош, 8.000 денари, ја дава Могила. Кај фасадите и лифтовите приказната е уште поскапа. Таму општинската помош може да надмине 200.000 денари.
Истражувањето на ЦГК покажало дека општина Аеродром е на врвот на листата кога се гледа која општина најмногу потрошила за вакви намени. Оваа скопска општина во 2025 година поделила 552.387 евра. Следува Центар со 507.481 евро, Кисела Вода со 461.989 евра и Гази Баба со 415.172 евра. Аеродром и претходната година потрошил приближно ист износ за помош на граѓаните. Кај останатите општини од оваа група, пак, сумите се зголемиле во 2025 година. Особено е видливо зголемувањето кај Центар и Кисела Вода.
Ако се гледа по бројот на граѓани, а не по парите, тогаш прва е Гази Баба. Таму некаква помош добиле 10.630 граѓани. Веднаш зад неа е Кисела Вода со 10.511 корисници. Двете општини, во 2025 година им давале по 2.500 денари на пензионерите. Гази Баба исплатила ваква помош на 2.662 пензионери, додека Кисела Вода на 3.005.

Во Центар, пак, покрај финансиските мерки, во 2025 година биле воведени и училишни униформи, кои ги добиле 4.900 ученици. Центар е и општината која има најмногу различни основи по кои им помага на граѓаните – дури 16. Кисела Вода и Гази Баба имаат по 12. Вкупно, истражувањето регистрира 92 различни основи по кои општините доделувале пари или друга помош. И тука се гледа колку различно функционира системот од општина до општина. Податоците од истражувањето покажуваат дека нема единствена сума, нема единствена програма, а често нема ни иста логика. Ако една општина помогне за велосипед, друга за тротинет. Една субвенционира клима, друга пелети. Една дава пари за возачка, друга за паркинг. Една му дава пари на пензионерот, друга нема да има таква мерка. Различни се и имињата под кои се води помошта. Едни ја нарекуваат финансиска помош, други финансиска поддршка, парична помош, дотација или субвенција.
Различни се и ставките во буџетите од кои се исплаќаат средствата – од „градоначалник“ и „субвенции и трансфери“, преку „социјална заштита“ и „социјални бенефиции“, до „образование“ и „заштита на животната средина“. Во правилниците и одлуките за доделување помош, општините се повикуваат на различни членови од Законот за локалната самоуправа. Најчесто се повикуваат на член 36, став 1, односно на точката 15, според која Советот на општината „врши и други работи утврдени со закон“. Но, во практиката, секоја општина има свои услови, процедури, категории и износи.
Од ЦГК велат дека истражувањето е направено врз основа на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, испратени со иста содржина и во ист ден до сите 81 единица на локалната самоуправа. Сепак, целосен одговор не стигнал од сите. Град Скопје, Сарај и Чаир не одговориле на барањата, ниту ги доставиле бараните податоци откако Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер донела решение со кое им наложила да одговорат.
Од друга страна, 16 општини одговориле дека немале доделено вакви средства ниту во 2025 ниту во 2024 година. Тоа се Арачиново, Боговиње, Брвеница, Бутел, Врапчиште, Дебар, Долнени, Желино, Јегуновце, Ново Село, Студеничани, Теарце, Тетово, Чашка, Чучер Сандево и Шуто Оризари.
(С. Бл.)












