Американската ковачница за пари денес започна со продажба на нова монета од еден долар со ликот на претседателот Доналд Трамп. Со тоа, за првпат по 1866 година, ликот на живо лице стана дел од американската валута во оптек, објави „Политико“.
Монетата е издадена по повод 250-годишнината од независноста на САД и се продава во пакувања од 25 и во вреќички од 100 монети.
Цената на пакувањето се движи од 61 до 154,50 долари (околу 52 до 132 евра), што е значително повеќе од номиналната вредност на монетата.
На лицето на монетата се испишани зборовите „Liberty“ (Слобода) и „In God we trust“ (Во Бога веруваме), додека на опачината е прикажан претседателскиот грб со бројот „250“ впишан на штитот.
Монетите се исковани во Филаделфија, ги имаат карактеристиките на монети наменети за оптек и претставуваат законско платежно средство, иако според податоците на ковачница, засега не се пуштени во општ оптек.
Изработени се од легура на бакар, цинк, манган и никел.
Издавањето на монетата со ликот на Трамп предизвика контроверзии поради долгогодишната американска традиција да не се прикажуваат ликови на живи поединци на американските пари.












