Американскиот претседател, Доналд Трамп, ќе биде специјален гостин на финалето на Светското првенство меѓу Аргентина и Шпанија и првпат ќе присуствува на натпревар од Мундијалот во 2026 година. Тој ќе биде на трибините на стадионот во Њу Џерси, а по завршувањето на финалето, заедно со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ќе му го врачи шампионскиот трофеј на новиот светски првак.

Веста ја потврди портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, која истакна дека Трамп со нетрпение го очекува финалето и смета дека тоа ќе биде достоен крај на турнирот, кој, според неа, уште еднаш ја покажал способноста на Соединетите Американски Држави да организираат големи спортски настани.

Присуството на Трамп привлекува дополнително внимание, бидејќи ова ќе биде негово прво појавување на натпревар од Светското првенство, иако се одржува турнирот во САД, Канада и во Мексико. По финалниот свиреж, тој ќе се приклучи во церемонијата на доделување на медалите и на трофејот, заедно со Инфантино.

Претседателот на ФИФА потврди дека таков бил планот од самиот почеток и потсети дека традиција е претседателот на земјата домаќин и првиот човек на Светската куќа на фудбалот заеднички да му го предадат пехарот на новиот шампион.

Трамп веќе беше во центарот на вниманието во текот на Светското првенство, откако јавно побара од ФИФА да ја преиспита суспензијата на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун пред осминафиналето против Белгија. Откако беше укината казната, американскиот претседател изјави дека ФИФА исправила голема неправда, што предизвика бројни реакции во спортската јавност. Самиот Балогун подоцна призна дека целата ситуација создала дополнителен притисок врз репрезентацијата, која беше елиминирана по убедливиот пораз од Белгија.

Ова нема да биде првпат Трамп да учествува во церемонија на ФИФА. Минатото лето тој беше присутен на финалето на Светското клупско првенство во Њу Џерси, кога заедно со Инфантино им го врачи трофејот на фудбалерите на Челзи. Сега ќе има можност да го додели и најпрестижниот трофеј во светскиот фудбал, по финалниот дуел меѓу Аргентина и Шпанија, во кој ќе биде крунисан новиот светски шампион.

 

ИЗДВОЕНИ