петок, јуни 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Поднесено обвинение за серискиот убиец од Старо Нагоричане : убил четири, а...

Поднесено обвинение за серискиот убиец од Старо Нагоричане : убил четири, а се обидел да убие уште две жени, кај обвинетиот е утврдена некрофилија

24

Обвинителството поднесе обвинение против серискиот убиец, 25 годишниот Трајко Б. од Старо Нагоричане за четири убиства и два обиди за убиства на жени од околните села.

„Бидејќи со умисла лишил од живот повеќе лица, согласно член 123 став 3 од Кривичниот законик, му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор“, пишува во објавата на ЈО.

Иако новинарите неколкупати на брифинзите го прашуваа, а надлежниот обвинител Љубомир Лапе се воздржуваше од одговорот- дали сексуално ги злоставувал жртвите, сепак според обвинението согласно извршените вештачења во текот на истрагата, Трајко, делата ги вршел од други ниски побуди, односно со намера да ги задоволува своите полови страсти спрема мртви женски тела.

„Така, ноќта помеѓу 05.01.2025 година и 06.01.2025 година во с. Клечовце со умисла лишил од живот повозрасна и немоќна жена. Влегол во нејзината куќа и додека таа била заспана на креветот физички ја нападнал и насилно почнал да ја задушува. Од бројните скршеници и повреди поради кои не можела да дише, жената починала. Во точно неутврден временски период помеѓу 05.06.2025 и 07.06.2025 година во с. Драгоманце, на сличен начин со умисла лишил од живот уште една жена. Третиот настан е евидентиран на 22.07.2025 година во с. Челопек, каде се обидел да лиши од живот жена која успеала да го заплаши така што викнала по нејзиниот син, па обвинетиот избегал. Во вечерните часови помеѓу 17.01.2026 година и 18.01.2026 година во с. Старо Нагоричане, обвинетиот со умисла лишил од живот жена која била помлада по возраст, но за која исто така знаел дека е сама. Начинот на извршување на делото бил сличен како кај претходните жртви. Во селото Челопек, во вечерните часови помеѓу 05.02.2026 година и 06.02.2026 година обвинетиот лишил од живот уште една повозрасна и немоќна жртва. Последниот евидентиран настан е на 09.02.2026 година во с. Челопек, каде со умисла се обидел да лиши од живот уште една жена, но се исплашил од звук што го слушнал и побегнал пред да ја реализира намерата“, ги наведе сите откриени случаи обвинителството од Куманово.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот Трајко Б. кој се наоѓа во самица во затворот во Куманово. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ