Украина планира да насочи до една милијарда евра од заемите на Европската унија кон програма за заедничко производство на оружје со европски партнери, при што посебен фокус ќе биде ставен на противвоздушната и противракетната одбрана, беспилотните летала, системите за борба против беспилотни летала и муницијата.
Според доверлив документ на Европската комисија, во кој увид имал „Еуроњуз“, средствата би се насочиле кон „Механизмот за поддршка на Украина“ (Ukraine Support Facility), кој е дел од Европската програма за одбранбена индустрија.
Овој механизам моментално располага со 300 милиони евра, а дополнителните средства би го зголемиле неговото финансирање повеќе од четири пати.
Преку програма за поддршка на Украина заснована на заеми, Европската унија обезбедува 90 милијарди евра за 2026 и 2027 година. Брисел неодамна се согласи да го забрза исплаќањето на дел од овие средства поради растечките финансиски потреби на Киев.
Планираното зголемување на финансирањето е дел од стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Украина во секторот на одбранбената индустрија, воспоставено во јули 2026 година.
Европската комисија, исто така, подготвува „Пакт за одбранбена индустрија“, чија цел е отстранување на регулаторните пречки за заедничко производство, особено во однос на беспилотните летала и ракетната технологија.
Понатаму, Брисел ги охрабрува земјите-членки да ги пренасочат неискористените средства од заемите во рамките на програмата SAFE кон заеднички проекти со украинската одбранбена индустрија, како и да продолжат со испорака на опрема за Украина од своите постојни воени залихи.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ треба за првпат да разговараат за оваа иницијатива во среда, на 4 ноември. Целта е до крајот на годината да се постигне договор за пактот, по што конечниот текст ќе треба да биде одобрен од земјите-членки.












