петок, јуни 19, 2026
Дома СКОПСКА Песокот е веќе на кејот, се враќа градската плажа

Песокот е веќе на кејот, се враќа градската плажа

53

– Во овој момент се поставува песокот, по што веднаш ќе почне и поставувањето на урбаната опрема. Просторот ќе биде уреден со лежалки, клупи, канти за отпадоци, како и со платна за сенка, со цел граѓаните да добијат функционално, пријатно и уредено место за одмор и рекреација. Градската плажа наскоро ќе биде ставена во функција и достапна за скопјани – појаснуваат од Град Скопје

Градската плажа на кејот на реката Вардар ова лето ќе му се врати на Скопје. Градските власти се оптимисти и велат дека е прашање на денови кога ќе биде функционална таа и кога ќе може да ја користат скопјани. Откако се појавија информации во медиумите дека дури следното лето би се реализирала оваа најава на Ѓеорѓиевски, кој ја обелодени уште во февруари, од Град Скопје демантираат и велат дека тоа ќе се случи многу наскоро.

– Во овој момент се поставува песокот, по што веднаш ќе почне и поставувањето на урбаната опрема. Просторот ќе биде уреден со лежалки, клупи, канти за отпадоци, како и со платна за сенка, со цел граѓаните да добијат функционално, пријатно и уредено место за одмор и рекреација. Градската плажа наскоро ќе биде ставена во функција и достапна за скопјани – појаснуваат од Град Скопје.

Инаку, Град Скопје и деновиве работи на уредување на кејот на реката Вардар.

Скопскиот градоначалник објави дека едно од најубавите и најпосетувани места во Скопје, простор каде што секојдневно илјадници скопјани пешачат, спортуваат, се рекреираат и поминуваат време со своите семејства, се уредува со нова урбана опрема.

– Поставени се нови клупи и канти за отпадоци, со што кејот станува попријатен, почист и пофункционален за сите граѓани – нагласи тој.

Притоа, наведе дека ги реализираат овие активности по барање на голем број жители, кои, како што истакна, секој ден го користат овој простор.

Воедно, додаде дека истовремено продолжува редовното одржување на кејот, како и акцијата за чистење на коритото на реката Вардар на територијата на Скопје.

Скопскиот градоначалник уште во февруари нагласи дека кејот е меѓу неговите приоритети.

– Уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, почнавме со темелно чистење, со што, конечно, Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито – истакна Ѓорѓиевски.

Тој тогаш, исто така, информираше дека продолжува уредувањето на кејот со јасна визија за функционален и жив јавен простор, дека се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и за баскет, дека се поставува нова урбана опрема и дека се создаваат модерни фитнес-зони на отворено.

Во рамките на овој проект се опфатени и спортските терени во Маџир Маало. Активности се одвиваат со поддршка од Министерството за спорт.

Скопје ја имаше градската плажа „Парк“ кај лунапаркот, која беше отворена во 2010 година.

Неколку месеци подоцна, беше отворена уште една, до Камениот мост. Втората беше урната по неколку години, поради градежните работи за проектот „Скопје 2014“, а од првата постојат спортските терени со песок. Двете чинеа над 370 илјади евра.

(А. П.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ