Во атарот на скопската населба Визбегово, на Качанички пат, кој води кон границата со Косово, е лоцирана обложувалница во чии простории работел институт, кој е еден од затворените поради неисполнување на елементарните услови за работа. Според сознанијата на весникот ВЕЧЕР, се работи за институт за биометриски истражувања за кој, по извршената инспекција, уште минатата година била донесена одлука да биде затворен. Контролата, имено, покажала дека тој не ги исполнува ни најминималните услови за работа и таа се случувала во зоната позната по бројните казина и обложувалници, кои ги посетуваат бројни граѓани што патуваат кон Косово и се враќаат оттаму.
Министерката за образование, Весна Јаневска, вчера обелодени за сериозни неправилности во работењето на дел од високообразовните институти, посочувајќи дека еден од нив бил регистриран во простории на обложувалница. Станува збор за институции што досега имале право да издаваат дипломи признаени и во државата и во странство, што, според Јаневска, отвора сериозни прашања за квалитетот и легитимноста на високото образование.
– Најбруталниот пример беше кога комисијата од МОН отиде да направи увид на еден институт. Тој беше регистриран во обложувалница, во задната просторија на обложувалницата, каде што требаше институтот да ги извршува своите функции на две столчиња и два душеци и тој беше веднаш затворен. Беа вработени двајца луѓе и беше прекршен законот, инаку не ќе можевме да го затвориме. Има полесни примери, а ова е најбруталниот. Под називот „приватен институт“ се извршуваат други функции, како примерот со обложувалницата – објасни министерката за образование.
Четири години немало никакви контроли
Според сознанијата, овој институт го добил решението за работа на почетокот од декември 2022 година.
– Издавањето на акредитацијата е одлука на тогашната Влада. Но потоа воопшто не биле вршени никакви контроли, сè до лани, кога е откриена скандалозната состојба – наведуваат изворите на ВЕЧЕР.
Тие додаваат дека овој институт не издавал некакви дипломи на други лица, а кои би можеле да се користат за одредени намени. Наместо ова, целта му била да се занимава со „научна работа“ од областа на биометриските истражувања. Но, не е познато какви сè истражувања во изминативе четири години продуцирале неговите основачи.
Министерката Јаневска вчера откри дека во изминатиов период биле затворени 14 приватни институти поради неправилности. Меѓу нив имало и институти што се занимавале со убавина и слично.
– Се чини дека основањето такви институти, кои постојат само на хартија, е мотивирано, пред сè, со бенефициите и олеснувањата што ги дава државата за вакви установи. Па во име на дејноста на институтот, може да се врши набавка на одредени раствори, репроматеријали, производи и слично без плаќање на ДДВ или слично. Паралелно со ова, во името го ставаат терминот „институт“ за да им изгледа привлечно на потенцијалните клиенти – објаснуваат нашите извори.
Нови услови за воведување ред или затворање?
Според министерката за образование, новопредложениот закон за научноистражувачка дејност, кој е уште во фаза на јавна расправа, треба да воведе ред во основањето и работењето, особено на приватните институти. Во предложената верзија на законот е наведено дека се бара приватниот научен институт да има најмалку десет вработени лица, од кои најмалку пет доктори на науки што ги исполнуваат условите за избор во научно звање. Во претходниот закон, кадровските барања за приватни институти беа речиси двојно пониски.
Таквото и други барања предизвикаа реакција кај дел од постојните институти.
– Со новото решение, бројот на потребни истражувачи практично се удвојува. Ова директно има финансиски импликации, бидејќи вработувањето двојно повеќе истражувачи значи значително зголемување на трошоците за плати, придонеси и научна инфраструктура. Дури и ако се удвои буџетот, институциите повторно ќе се соочат со сериозна пречка. Докторите на науки што треба да се вработат мора да ги исполнуваат условите за избор во научно звање, предвидени во член 33, што подразбира објавени научни трудови и други академски критериуми. Овие услови не може да се создадат во краток временски период од шест месеци, како што наложува предлог-законот – наведува во своите забелешки Институтот за комуникациски студии.
Оттаму се бара намалување на кадровските услови за да можат да започнат со работа со најмалку осум лица во работен однос и да имаат најмалку тројца доктори на науки, продолжување на рокот за усогласување од шест месеци на најмалку четири години…
Но, министерката Јаневска завчера порача дека новите законски решенија се базирани на анализи на европските практики и имаат цел да го подобрат квалитетот на научната дејност.
– Не се критериумите нешто што министерот, работната група арбитрарно ги измисли. Ние направивме сериозна анализа на многу закони во Европа и надвор од Европа и заклучивме дека ова се мерки што ќе бидат значајни и потребни за да се подигне квалитетот на високообразовната, но и научната дејност во земјава. Да, можно е да е тешко да се обезбедат 10 доктори на науки, но со оглед дека продукцијата на доктори на науки, пак, беше висока, им препорачувам да си најдат од тие што чесно ги завршиле тие студии, да си вработат луѓе наместо да ги злоупотребуваат. Денес примаат десетмина, поминува институционалната акредитација и отпуштаат петмина од истиот факултет. Тоа, исто така, не е во ред и свесни сме за тоа – потенцира министерката за образование. (Б. Ѓ.)
Неквалитетот го осакатува високото образование
Да бидат спокојни оние институции во високото образование што генерираат квалитет, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. На прес-конференцијата во Владата, тој одговори на новинарско прашање врзано за член 33 став 6 од предложениот закон за научноистражувачка дејност, а кој може да предизвика затворање на бројни приватни институти. Со таа одредба се бара да се вреднуваат научни трудови и проекти само ако е наведен во нив називот на универзитетот или институтот каде што е вработено лицето.
– Нашата цел не е да се затвори никој, туку да престанат со работа оние што генерираат неквалитет и буквално го осакатуваат високото образование. Дали сме подготвени да ги прифатиме издржаните аргументи? Се разбира, издржаните аргументи никој не ги одбива и тоа е суштината на дебатата. Ако имаме такви институции што се чувствуваат обесправено, а генерираат квалитет, тогаш лично ќе застанам во одбрана на истите и лично на владина седница ќе побарам измена на тој член. Да бидат спокојни сите оние што генерираат квалитет во високото образование. Но, има и такви случаи што ги обелодени министерката за образование, што не можеме да ги толерираме. Мора еднаш во високото образование да произведуваме квалитет, а не квантитет – рече премиерот Мицкоски.












