четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Повеќе од 3.400 учеснички ја истрчаа Авицена женската трка

Повеќе од 3.400 учеснички ја истрчаа Авицена женската трка

99

Душица Јанковиќ е победничка на годинашното издание на Авицена женската трка. Таа ја истрча патеката за 11 минути и 24 секунди. Второто место ѝ припадна на Викторија Тодоровска, со време од 11 минути и 58 секунди, додека пиедесталот го заокружи Емили Ивановска со време од 12 минути и 6 секунди.

Трката, која им е посветена на жените, денеска   го имаше своето 14. Издание, со над 3.400 учеснички.

Оваа трка уште еднаш покажа дека жените, без разлика на возраста, имаат спортски дух и секојдневно имаат здрави навики.

– Со денешната 14. Авицена женска трка, со 3.400 учеснички, припадничките на понежниот пол покажаа дека се грижат за себе, своето тело и за своето здравје. Исклучително сум среќна што оваа трка од година на година привлекува сѐ поголем број натпреварувачки. Оваа година имавме и нова категорија на возраст над 80 години и сите аплаузи отидоа кон овие дами. Со ова докажуваме дека сме успеале да ги поместиме границите во спортувањето – изјави Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.

Стартот и целта на три километри долгата трка беа на булеварот „Илинден“, кај фонтаната „Лотос“.

Беа доделени и признанија за најбрзите во 10 возрасни категории. По доделувањето на наградите, следуваше лотарија со извлекување на стартните броеви и најсреќните добија подароци од партнерите на трката.

Авицена женската трка и оваа година покажа дека се зголемува спортската култура кај женската популација и дека со добра организација, секој може да води здрав живот.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ