Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, на денешната прес-конференција истакна дека кампањата е насочена кон директна комуникација со земјоделците и претставување на актуелните мерки и политики за поддршка на земјоделското производство. Во рамки на кампањата, два големи тима ќе посетат повеќе од 30 општини, додека шест помали тима ќе опфатат над 120 населени места низ државата. Средбите ќе се организираат секој петок, среда и сабота, во зависност од типот на тимовите

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата ја започнуваат новата теренска кампања „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“, насочена кон директна комуникација со земјоделците и претставување на актуелните мерки и политики за поддршка на земјоделското производство. Ова на денешната прес-конференција го најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Во рамки на кампањата, два големи тима ќе посетат повеќе од 30 општини, додека шест помали тима ќе опфатат преку 120 населени места низ државата. Средбите ќе се организираат секој петок, среда и сабота, во зависност од типот на тимовите. Директори од сите институции во земјоделскиот сектор ќе бидат дел од тимовите. Министерот најави дека во малите тимови ќе учествуваат директорите на клучните институции, Даниела Иротова од Платежната агенција, Филип Филиповски од АД „Водостопанство“, Васе Анакиев од Државниот инспекторат за земјоделство, Оливер Миланов од Агенцијата за храна и ветеринарство, Здравко Трајанов од ЈП „Национални шуми“.

Еден од тимовите ќе предводи и министерот. Тој појасни дека во активностите ќе се вклучат и останатите директори од секторот, како и локалните структури на Министерството.

Целта, според него, е да се слушнат предизвиците и идеите на земјоделците. На средбите ќе се разговара за тековните проблеми со кои се соочуваат земјоделците, нивните предлози за унапредување на производството, како и досега спроведените мерки и политики во изминатите две години.

– На овие средби ќе се разговара за реалните предизвици со кои се соочуваат македонските земјоделци, ќе се слушнат нивните предлози и идеи, но ќе се презентираат и политиките и мерките за поддршка на македонското земјоделство, истакна Трипуновски.

Тој нагласи дека земјоделците имаат суштинска улога за државата и дека тие не се само производители туку тие се двигатели на руралниот развој, чувари на традицијата и клучен фактор за стабилноста на домашниот пазар.

Трипуновски ги повика земјоделците активно да се вклучат и да бидат дел од оваа кампања, за да, како што кажа, создадеме подобри услови и посигурна иднина за македонското земјоделство.

– Најдоброто од Македонија доаѓа токму од македонските ниви и вредните раце на нашите чесни, работливи земјоделци – заклучи тој.

 

 

ИЗДВОЕНИ