Споменикот на културата – Турскиот амам во Прилеп, познат и како старата градска бања, се наоѓа во критична состојба и претставува потенцијална опасност за минувачите.
По дојава од граѓани, прилепскиот Завод и музеј поставил ограда во пешачката зона пред објектот поради можноста делови од градбата да се урнат. Стручен тим извршил увид на самото место и утврдил дека постои реална опасност од паѓање делови од ѕидот изграден од печени тули на северната страна на објектот, на спојот со новоизградениот објект до него.
– Постои опасност од опаѓање делови од ѕидот што претставува директна закана за минувачите во пешачката зона. Поради тоа, поставивме ограничување на просторот и знаци за предупредување за паѓање предмети – изјави Мимоза Христоска, директорка на Завод и музеј – Прилеп.
Музејот изготвил извештај за состојбата на Турскиот амам и го доставил до Управата за заштита на културното наследство, како и до сопственикот на објектот.
Амамот е регистриран како споменик на културата уште во 1955 година од Централниот завод за заштита на културните споменици и природни реткости во Македонија, а во 1989 година е донесено и решение со кое официјално му се утврдува својството на заштитено културно добро.
Според стручните лица, неопходно е итно да се преземат мерки за заштита на објектот.
„Мора што побрзо да се преземат заштитни мерки за конзервација и реставрација, бидејќи објектот е во критична состојба“, додава Христоска.
По процесот на денационализација на почетокот на овој век, амамот им бил вратен на поранешните сопственици, а од 2009 година има нов сопственик. Тој тврди дека уште од 2013 година се обидува да го реализира проектот „Реставрација, ревитализација и реконструкција на Турски амам – Прилеп“.
–Првиот поднесок на проектот го поднесов во 2013 година. Потоа следуваше мала измена со доградба во 2017, а повторно аплициравме во 2020 година. Проектот една година беше во системот и стигнавме до уплата на комуналии, но не помина затоа што општината една година не ни даде пресметка за уредување на градежно земјиште. Сето време е заглавен во институциите“ – вели сопственикот Антонио Момироски.
Турскиот амам потекнува од втората половина на 19 век и до крајот на 1970-тите години се користел како градска бања.
Денес, овој значаен историски објект во старата прилепска чаршија е споменик на културата кој се соочува со сериозна опасност од понатамошно пропаѓање.












