Во Берово почна реализацијата на еден од значајните капитални проекти за Општината: изградбата на нова мултифункционална сала во рамките на Домот на културата „Димитар Беровски“, инвестиција вредна над 115 милиони денари.
Со воведување во работа на изведувачот – фабриката „Карпош“, започнува изградбата на современ објект, кој ќе биде наменет за одржување концерти, театарски претстави, филмски проекции, свечености и други културни настани. Надзорот над изградбата ќе го врши фирмата „Градежник инг“.
– Новата сала ќе биде изградена на местото на поранешното кино, простор што со децении претставуваше значаен дел од културниот живот во градот. Со новиот проект, локалната самоуправа има цел да обезбеди модерен и функционален простор, кој ќе ги задоволува современите стандарди за енергетска ефикасност и техничка опременост – информираа од Општината.
Оттаму посочуваат дека изградбата на мултифункционалната сала претставува значаен чекор во модернизацијата на културната инфраструктура и инвестиција во иднината на локалната заедница.
– Со започнувањето на градежните активности, Берово добива нов симбол на напредокот и достоинствен простор што ќе ги обединува генерациите, ќе создава нови вредности и ќе биде гордост на целиот регион – наведуваат од Општина Берово.
Според локалните власти, новиот објект ќе овозможи подобри услови за развој на културниот живот, ќе создаде можности за организација на разновидни настани и ќе придонесе за зголемување на атрактивноста на Берово како културен центар во регионот.
Реализацијата на проектот е овозможена со поддршка од Владата и од Министерството за култура и туризам.
– Со оваа капитална инвестиција, Берово прави значаен исчекор кон унапредување на јавната инфраструктура и создавање современи услови за културен развој, со што се отвора ново поглавје во развојот на Општината – потенцираат од локалната самоуправа.












