Фондацијата „Саса“ потпиша договори за доделување грантови со четири бизнис-проекти избрани во рамките на акцелераторската програма „Започни ја својата бизнис-авантура во Македонска Каменица“, чија цел е да ги поддржи локалните претприемачи во започнувањето или во развојот на сопствен бизнис и да придонесе за локалниот економски развој.
Во рамките на програмата, за овие четири проекти, Фондацијата „Саса“ ќе обезбеди грантови за кофинансирање во вкупен износ до 50.000 евра.
– Станува збор за проектите: „Vila Kalimana Lake View“ – проект за развој на нов туристички комплекс во близина на езерото Калиманци; „Физиоактив“ – проект за развој и понуда на организирани тури и туристички услуги со електрични велосипеди; „Micro Greens“ – проект за производство на органски земјоделски култури и „Осоговски плод“ – проект за собирање и преработка на природни шумски плодови – информираа од Фондацијата, од каде што потенцираа дека избраните бизнис-идеи се во области што претходно биле препознаени како приоритетни за заедницата, особено во секторите туризам и земјоделство, и имаат потенцијал за одржлив локален развој.
По потпишувањето на договорите, започнува фазата на имплементација, во која корисниците на грантовите ќе добиваат дополнителна стручна поддршка за развој на своите бизниси.
На јавниот повик за учество во програмата се пријавиле 18 апликанти, а во финалниот процес биле разгледани 16 бизнис-планови, што, според организаторите, ги потврдува заинтересираноста и потенцијалот на локалната бизнис-заедница.
Покрај финансиската поддршка, сите учесници во програмата посетувале обука и менторски сесии во времетраење од пет недели, со цел стекнување практични знаења за подготовка и реализација на бизнис-планови.
– Со оваа програма не инвестираме само во бизнис-идеите туку и во луѓето и во иднината на Македонска Каменица. Нашата цел е да го поддржиме создавањето нови одржливи бизниси, кои ќе генерираат нови работни места и долгорочна вредност за заедницата – изјавија од Управниот одбор на Фондацијата „Саса“.
Акцелераторската програма е дел од иницијативите на рудникот „Саса“, кои, преку Фондацијата „Саса“, се насочени кон долгорочен и одржлив развој на локалната економија и подобрување на квалитетот на живот во заедницата.












