вторник, јуни 23, 2026
Дома КУЛТУРА Почна да се снима „Снешко“ во режија на Стојан Вујичиќ; Драма за...

Почна да се снима „Снешко“ во режија на Стојан Вујичиќ; Драма за едно тинејџерско созревање

65

„Овој филм е дел од едно чувство кое не бледнее со годините. Чувство дека, во еден момент, животот ненадејно се менува – без предупредување, без образложение – и дека од тој момент низ животот си оставен сам да го преведуваш она што се случило во смисла, во логика, во живот“, вели режисерот Вујичиќ по повод отпочнувањето на снимањето на филмот „Снешко“

Режисерот Стојан Вујичиќ почна со снимањето на филмот „Снешко“, драма за едно тинејџерско созревање со елементи на фантазија, а во продукција на „Дрим фeктори“. Приказната во филмот ја следи Лили (16) која живее на остров, каде што никогаш не снежи. Таа е математички гениј — интровертна, оригинална, неприфатена од средината. Таа ја носи со себе сликата на татко си — морнарот кого морнарите го нарекуваат Капетан Снешко, насекаде: присутен во нејзиниот ум, жив во нејзините мисли, водечки. Кога Тајното математичко здружение ја избира да се натпреварува со четири математички гении во средновековниот замок Кастело ди Верес во Италија, Лили првпат го напушта сончевиот остров и добива шанса да го види снегот за кој отсекогаш сонува. За да победи на натпреварот, мора да направи нешто поголемо од математика. И тоа е единствената задача за која таа нема формула.

Филмот го режира Стојан Вујичиќ, еден од водечките македонски автори, чиј опус вклучува играни и документарни филмови, прикажани и наградени на домашни и на меѓународни фестивали. Автор е на Стела (2021), првиот македонски долгометражен игран филм за деца. Сценариото го потпишуваат Стојан Вујичиќ во соработка со Александар Русјаков како и Дена Вујичиќ (19), која е вклучена во проектот како нивни креативен соработник.

„Овој филм е дел од едно чувство кое не бледнее со годините. Чувство дека во еден момент животот ненадејно се менува — без предупредување, без образложение — и дека од тој момент низ животот си оставен сам да го преведуваш она што се случило во смисла, во логика, во живот. Снешкото е симбол на нешто чисто, среќно и поставено со прецизна функција во филмот. Ништо не е случајно, ништо не е декоративно“, вели режисерот Вујичиќ.

Во главните улоги настапуваат: Ирина Апелгрин, Христијан Ристевски, Тони Наумовски, Даниела Ивановска, Симеон Дамевски, Тони Михајловски и други. Кинематографер на филмот е Дејан Димески, костимограф е Гео Павлов, сценограф е Влатко Зафирковски, автори на шминката се Магдалена Бојаџиева и Снежана Ангеловска Живковска, а продуцент е Огнен Антов.

„Снешко“ е меѓународна копродукција на „Дрим фектори“ (Македонија) со партнерски продукциски куќи од Хрватска („Секвенца“), Италија („Бокс филм“), Бугарија („Самсара“) и Албанија („Парадимитри филмска продукција“). Продукцијата е поддржана од македонската Агенција за филм и националните фондови на државите.

„Дрим фектори“ е продукциска куќа основана од Огнен Антов во 2007 година. Во своето осумнаесетгодишно постоење, продукцијата изгради портфолио кое се движи помеѓу македонскиот авторски кинематографски израз и меѓународните копродукции со светска фестивалска и дистрибутивна видливост. Еден од последните проекти на „Дрим фектори“ – филмот „Вера сонува за морето“, во режија на Калтрина Красниќи, беше дел од еден од натпреварувачките програми на Венеција 2022, а со филмот „Оче наш“ беше дел од престижниот филмски фестивал од „А“ категорија во Торонто. Со „Снешко“ („The Snowman“), „Дрим фектори“ првпат го поставува македонскиот авторски игран филм во директна конкуренција со европскиот фестивалски пазар за младинска кинематографија.

ИЗДВОЕНИ