Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист дека Алта банка – АД Битола ќе ја избегне стечајната постапка и ќе продолжи да функционира со нов сопственик. Тој тврди дека Владата работи на решение за спасување на Банката и дека црните сценарија што, според него, ги најавувала опозицијата, нема да се реализираат.

– Голем оптимист сум дека, за жал, од опозицијата ќе бидат разочарани бидејќи нивните црни сценарија и обиди Банката да отиде во неизвесност, односно во стечај, нема да се реализираат. Значи, ќе ја спасиме Банката – порача Мицкоски.

Тој нагласи дека изминатите денови лично бил ангажиран во решавањето на случајот и дека очекува нова финансиска институција да стане сопственик на Банката. Според него, продолжувањето на работењето на Алта банка е од особено значење за доверителите, клиентите и сите компании што имаат деловни односи со неа.

Во меѓувреме, случајот продолжува да предизвикува политички реакции, при што СДСМ бара Обвинителството да ги испита околностите под кои Банката влезе на македонскиот пазар. Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на опозицијата да се отвори истрага и да се испита како Давор Мацура добил дозвола за стекнување сопственост во Банката, Мицкоски наведе дека сопственикот на Алта банка – Белград на македонскиот пазар претходно стекнал право да работи и во Австрија, каде што добил дозвола за купување акции во Адико банка, како и дека имал деловни односи со Рајфајзен банка.

– Ние не можеме, како Влада, да избираме кој ќе работи или кој нема да работи. Секој оној што ги исполнува сите законски услови и критериуми може да работи на македонскиот пазар – истакна Мицкоски, оценувајќи ги обвинувањата на опозицијата како политичка естрада и фолклор.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, побара од јавниот обвинител, Ненад Савески, да ги провери улогата на премиерот, постапувањето на гувернерот Трајко Славески, владините заклучоци и потеклото и текот на парите поврзани со преземањето на Банката. Партијата најави дека доколку обвинителството не постапи, самата ќе поднесе кривични пријави. Опозицијата се повикува и на член 13 од Законот за банки, тврдејќи дека постоеле пречки за стекнување квалификувано учество, како и дека требало да бидат земени предвид претходните санкции на австрискиот финансиски регулатор врз Алта груп во 2024 година. Од СДСМ бараат да се испитаат и наводните владини одлуки поврзани со стекнувањето акции и купувањето осигурително друштво.

Мицкоски рече дека и самиот се согласува надлежното обвинителство да поведе постапка.

– Апсолутно се согласувам да Обвинителството да отвори случај, да поведе истрага и да видиме што ќе каже таа истрага – изјави премиерот.

На овие барања реагираше и Основното јавно обвинителство Скопје, од каде што посочија дека предмети и истраги се отвораат врз основа на набавени докази и законски основи, а не под влијание на политички партии. Обвинителството нагласи дека презема дејства во сите случаи во кои постојат индиции или докази за евентуално сторено кривично дело.

Додека трае разрешницата на сопственичката состојба, Народната банка презема мерки за заштита на клиентите. На 1 ноември беше воведена привремена тримесечна администрација во Алта банка, а веќе е започната и постапка за продажба на доминантниот пакет акции. Според претходните изјави на гувернерот Трајко Славески, постои интерес од потенцијални инвеститори, меѓу кои и две домашни банки. Од Народната банка денеска информираше дека шалтерите на Банката во Битола, Тетово и Струмица работат и дека исплатата на средствата се одвива непречено. Граѓаните што немаат платежни картички можат да подигнат до 20.000 денари на шалтерите, додека неделниот лимит за готовински исплати и плаќања со картички е зголемен од 10.000 на 15.000 денари.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ