Родител на нападнато дете вели дека на првото сослушување во Основно јавно обвинителство Штип, обвинителката која го водела предметот им укажала дека е непотребно да поднесуваат тужби и да прават дополнителни трошоци за адвокати и судски постапки, со образложение дека сите жалби ќе им бидат одбиени. „За жал, тоа и се случи – нашата жалба беше одбиена, со објаснување дека станува збор „само за деца“. Дополнително, при првото сослушување, судијката за малолетници, при влегувањето во судницата, изјави: „Дај да го видам театарот што е почнат, да го завршам“. Овие зборови оставаат сериозен впечаток и отвораат прашања за пристапот и за непристрасноста во постапката“, пишува родителот на детето жртва на врсничко насилство
Нема крај на врсничкото насилство. Адвокатката Маја Ристова, која ги застапува родителите на претепаното девојче од Штип, реагира на одлуката на судот кој, за кривичното дело насилство врз дете, донел воспитна мерка – девојчињата што брутално ја тепаат својата врсничка да бидат само под родителски надзор. Видеото што го сподели адвокатката е вознемирувачко, се гледа како група тинејџерки ја удираат жртвата со тупаници и шлаканици по главата и по телото, а потоа и ја клоцаат додека беспомошно лежи на земјата. Насилството се случило пред неколку месеци на повеќе локации низ градот.
– За кривичното дело насилство врз дете, обвинителот предложи воспитна мерка „засилен надзор од страна на ЦСР“. Судот процени дека мерката е строга, па изрече „Засилен надзор од страна на родител”. Предметот е во жалбена постапка. За кривичното дело запуштање и малтретирање дете беа отфрлени кривичните пријави, за по жалба, предметот да биде вратен на повторно одлучување. Поентата ми е како институциите гледаат на овој проблем, забележува адвокатката на својот профил на „Фејсбук“.

Под објавата на бранителката Ристова, родител на нападнато дете вели дека на првото сослушување во Основно јавно обвинителство Штип, обвинителката која го водела предметот им укажала дека е непотребно да поднесуваат тужби и да прават дополнителни трошоци за адвокати и за судски постапки, со образложение дека сите жалби ќе им бидат одбиени.
„За жал, тоа и се случи – нашата жалба беше одбиена, со објаснување дека станува збор „само за деца“. Дополнително, при првото сослушување, судијката за малолетници при влегувањето во судницата, изјави: „Дај да го видам театарот што е почнат, да го завршам“. Овие зборови оставаат сериозен впечаток и отвораат прашања за пристапот и за непристрасноста во постапката“, пишува родителот на детето жртва на врсничко насилство и апелира до надлежните институции да постапуваат совесно и професионално, без пропусти кои ја нарушуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем.
„Ваквите ситуации создаваат чувство на неправда и несигурност кај родителите, кои не смеат да бидат доведени во позиција да ја бараат правдата надвор од институционалните рамки. Сметаме дека ваквиот однос е недостоен и недозволив за едно правосудство кое треба да гарантира еднаквост и правичност за сите граѓани“, вели тој во коментарот на објавата.
Полицијата реагирала по службена должност и до Обвинителството поднело кривични пријави против малолетниците. Во тек е судска постапка за делата насилство врз дете и неовластено снимање, против насилните девојчиња кои учествувале во нападот и снимале на мобилен. Според адвокатката, институциите не побарале никаква кривична или прекршочна одговорност од родителите на насилничките.
Алармот со врсничкото насилство во кое тепаат и понижуваат малолетнички се вклучи по грозоморниот случај во паркот во населбата Ѓорче Петров, каде што во старото вовче, симбол на општината, група од 4 девојчиња малтретираа 13-годишно девојче, горејќи ја со цигара и принудувајќи ја да јаде измет од куче. Грозниот чин го снимале со мобилен телефон, а девојчето жртва заврши на психолошко лекување. Судот им одреди мерки на претпазливост на насилните малолетнички, а полицијата поднесе кривични пријави против нив и против нивните родители за запуштање.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, рече дека ќе им наложи на сите училишта во државата да обезбедат задолжително присуство на дежурни наставници за време на училишните одмори. Според неа, наместо ученици, наставниците треба да бидат тие што ќе дежураат во ходниците и дворовите, со цел да се следи однесувањето на учениците и да се спречат потенцијални инциденти. Јаневска рече дека иако одредени настани може да се случуваат надвор од училиштето, тоа не ја намалува одговорноста на наставниците и на институциите.
„Тоа се ученици на одредено училиште и наставниците мора да имаат увид во нивното однесување, бидејќи станува збор за воспитно-образовен процес“, изјави Јаневска.
Но, покрај дежурни наставници, деновиве, пред О.У „Стив Наумов“ во Битола патролира и полицијата, откако родители на ученици од седмо одделение испратиле претставка до Државниот просветен инспекторат, дека соученик се заканува со ликвидација на „Тикток“. Иако заканата не може да се најде на мрежата, сепак родителите тврдат дека постоел список со имиња и презимиња на нивните деца. Директорот на училиштето смета дека станува збор за шпекулации. Детето за кое се тврди дека се заканува на „Тикток“, дошло од друго училиште, но и неговите родители претходно пријавувале булинг од соученици. Од училиштето велат дека пријавиле кај надлежните институции.

„Од страна на училиштето, до СВР Битола е побаран мониторинг и заштита, а навремено е одобрена поддршка од полиција (постојан мониторинг од страна на цивилни полициски службеници додека трае наставниот процес во училиштето). Во постапувањето по случајот е вклучен и Центарот за социјални работи. „Нагласуваме дека нема место за паника во однос на безбедноста на учениците додека трае наставата“, соопштуваат од училиштето.
По серијата инциденти на врсничко насилство снимани и објавувани на социјалните мрежи популарни кај младите, јавноста бара од надлежните да ги забранат за деца под 15 години. Актерката Весна Петрушевска поведе иницијатива за побезбеден интернет и побара 10.000 потписи за ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи. Според неа, мрежите ја засилуваат агресијата кај младите, политичките чинители мора итно да реагираат. Од министерството за дигитална трансформација, за весникот ВЕЧЕР, претходно изјавија дека засега нема да ги ограничат мрежите, а министерот Стефан Андоновски апелираше до родителите да ги контролираат децата во користењето на мобилните телефони со предлог дека може да им купат и апарати кои служат само за јавување. (П. А.)












