Теоретскиот дел од правосудниот испит би се полагал на јазикот на кој кандидатите ги завршиле студиите, додека практичниот дел, со симулација на судски процес, задолжително би се полагал на македонски јазик. Премиерот, Христијан Мицкоски, изјави дека правосудниот систем мора да функционира според принципот на франка лингва, бидејќи тоа е поврзано со владеењето на правото, а не со други права или политиканства. Деновиве, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, најави дека партијата нема да прифати полагање на правосудниот испит на друг јазик и дека е подготвена да ја напушти владината коалиција доколку биде донесено поинакво решение. Од ЗНАМ велат дека нивниот став се темели на Уставот и на важечките закони, според кои испитот може да се полага исклучиво на македонски јазик. Од албанскиот политички блок, пак, следуваат реакции дека со ваквиот пристап се доведуваат во прашање јазичните права и рамноправноста на Албанците
ЌЕ ПОМИНЕ ЛИ КОМПРОМИСНИОТ ПРЕДЛОГ?
Прашањето на кој јазик ќе се полага правосудниот испит отвори нова политичка и меѓуетничка полемика, која ја заострува реториката меѓу македонскиот и албанскиот политички блок, но создаде и различни ставови кај владините партнери. Премиерот Христијан Мицкоски најавува компромисно, хибридно решение според кое теоретскиот дел од испитот би се полагал на јазикот на кој кандидатите ги завршиле студиите, додека практичниот дел, со симулација на судски процес, задолжително би се полагал на македонски јазик. Мицкоски вчера изјави дека правосудниот систем мора да функционира според принципот на франка лингва, односно македонскиот јазик, бидејќи тоа е поврзано со владеењето на правото, а не со други права или политиканства.
Во врска со можноста на владина седница да се разгледува прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик, како и со ставовите на коалицискиот партнер ЗНАМ по ова прашање, Мицкоски истакна дека нема да биде предложено решение со кое испитот во целост ќе се полага на албански јазик, туку решението што ќе биде доставено на владина седница предвидува два дела од испитот.
– Првиот дел вели дека студентите ќе можат оној дел што е поврзан со нивните додипломски студии на јазик различен од македонскиот, а во Македонија такви студии се одржуваат на три јазици – на албански, турски и на англиски, да го полагаат на јазикот на кој го дооформиле своето високо образование. Оној дел од правосудниот испит каде што се симулира судски процес од дел од кривична или граѓанска постапка, тој дел ќе се полага на франка лингва – македонски јазик, рече Мицкоски.
Тој повтори дека со предложеното решение се потврдува ставот на Владата дека македонскиот јазик треба да биде заеднички јазик во правосудниот систем, нагласувајќи дека прашањето го поврзува со владеењето на правото, а не со други права или политички надмудрувања.
Пред неколку дена, лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, во телевизиско гостување изјави дека ЗНАМ нема да прифати полагање на правосудниот испит на друг јазик освен на македонскиот, а доколку Владата донесе поинакво решение, партијата е подготвена да ја напушти владината коалиција. Димитриевски рече дека ставовите на ЗНАМ за ова прашање му се познати на премиерот Христијан Мицкоски, и дека ќе побара лидерска средба за да ги дефинираат црвените линии.
Според лидерот на ЗНАМ, прашањето за правосудниот испит не е изолирано, туку задира и во пошироки аспекти на функционирањето на правосудниот систем и во државното уредување. Зад барањата за поширока употреба на албанскиот јазик во оваа сфера, според него, постојат пошироки политички цели, затоа што, како што оцени, во земјава постојат сили кои сакаат државата еден ден да стане конфедерација.
Прашањето околу тоа на кој јазик треба да се полага правосудниот испит прерасна во поширока политичка конфронтација, отворајќи нови тензии меѓу владините партнери и предизвикувајќи остри реакции од албанскиот политички блок.
Албански политички претставници оценија дека се доведуваат во прашање јазичните права и рамноправноста на Албанците, а полемиката дополнително се заостри со лични дисквалификации, обвинувања и навредливи пораки упатени до лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
По изјавата на Димитриевски, и поранешниот министер за правда и актуелен претседавач на Централниот одбор на ЗНАМ, Игор Филков, истакна дека ЗНАМ стои зад ставот дека според Уставот и важечките закони правосудниот испит може да се полага само на македонски јазик. Тој истакна дека во ЗНАМ се доследни и принципиелни на ставот што тој го застапуваше уште како министер и дека сè уште стои зад истиот став.
– Согласно со Уставот и важечките закони во Република Македонија, правосудниот испит може да се полага исклучиво на македонски јазик. Во моментов не постои законска можност за полагање на друг јазик, да почекаме да се изнајде решение, да го видиме, потоа ќе разговараме, изјави Филков.
Филков рече дека не се работи за тоа дали е тој „против“ или „за“ и дека не се противи „никој да полага на оној јазик што е овозможен согласно со законите и Уставот“, а од медиумите дознал за т.н. хибридно решение.
– Но она што ме загрижува е тоа што ваквото хибридно решение, да го наречеме така, беше ад акта одбиено од оние што се бунат и се противат да полагаат на јазикот што утре треба да се употребува во сите оние институции каде што планираат да работат како судии, адвокати, обвинители и слично. Тоа е повеќе од загрижувачко, додаде Филков.
Опозицискиот СДСМ, пак, оцени дека темата се користи за создавање впечаток за судир во владејачката коалиција, со цел да му се обезбеди алиби на Мицкоски за распишување предвремени парламентарни избори.
Министерот Шасивари предложи теоретскиот дел од правосудниот испит, кој опфаќа 12 предмети, да се полага на албански јазик, а практичниот дел, составен од два испита, на македонски. Предлогот го поддржа премиерот Мицкоски, но студентите Албанци го отфрлија. (В. С. Н.)
ДУИ: Законот за употреба на јазиците не е предмет на политичко пазарење
Непочитувањето на Законот за употреба на јазиците прераснува во загрижувачки тренд во државните институции на Северна Македонија, реагираат од ДУИ. Од партијата оценуваат дека сè почесто, раководителите на институциите ја преземаат улогата на судии, бескрупулозно прекршувајќи го Законот и одлучувајќи според сопствената волја дали албанскиот јазик треба да се користи во службената комуникација.
– Последната пријава за вакво постапување доаѓа од извори во Институтот за јавно здравје, од каде што дознаваме дека актуелната директорка, Марија Андоновска, им наредила на сите сектори службената комуникација да се одвива исклучиво на македонски јазик. Според информациите со кои располагаме, раководителите на секторите добиле инструкции преку телефонски пораки да ги известат вработените дека двојазичните документи веќе нема да се прифаќаат и дека за валидни ќе се сметаат само документите на македонски јазик. Со кое право директорка на државна институција си дозволува да ги прогласува за неважечки документите што го содржат албанскиот јазик? Кој ѝ дал надлежност да се поставува над законот, прашуваат интегративците.
Оттаму додаваат дека подеднакво загрижувачки е и молкот на претставниците на Вреди, кои, како што велат опозиционерите во албанскиот политички блок, освен што покажуваат неспособност да го заштитат албанскиот јазик, сега стануваат и глуви пред флагрантните прекршувања на Законот.
– Законот за употребата на јазиците не е прашање на желба, ниту предмет на политичко пазарење. Тој претставува обврска што мора сите да ја почитуваат. Никој нема мандат да се поставува над Законот и никој нема право да го прогласува албанскиот јазик за неважечки во институциите на оваа држава, се вели во реакцијата од ДУИ.












