Поплавени улици, подвозници, заглавени автомобили беше исходот од вчерашното невреме што го зафати главниот град. Метрополата беше во целосен колапс, а нервозните граѓани чекаа со часови, заглавени на улиците. Ова не е првпат да им се случи вакво нешто на Скопје и на скопјани. Тоа е редовна практика при секој пообилен дожд. Проблем кој се провлекува со години, а за кој градските власти не најдоа решение досега. Да, се интервенираше, но откако се создаде проблемот и откако се случи сообраќаен колапс. Градските власти и овој пат најдоа објаснување. Велат дека од страна на ЈП „Водовод и канализација“ континуирано се чистат 20.000 сливници и шахти на територијата на градот, а огромната количина дожд што наврна, била релативно брзо апсорбирана.
– За околу 40 минути, состојбата во градот се нормализираше. Споредено со минатото, екипите на јавните претпријатија, во кои беа вклучени 2.000 луѓе, беа на терен и брзо реагираа – појаснија од Град Скопје

Поплавени улици, подвозници, заглавени автомобили беше исходот од вчерашното невреме што го зафати главниот град. Метрополата беше во целосен колапс, а нервозните граѓани чекаа со часови, заглавени на улиците. Ова не е првпат да им се случи вакво нешто на Скопје и на скопјани. Тоа е редовна практика при секој пообилен дожд. Проблем кој се провлекува со години, а за кој градските власти не најдоа решение досега. Да, се интервенираше, но откако се создаде проблемот и откако се случи сообраќаен колапс.
Точно е дека заседаваа кризните штабови на Град Скопје и на скопските општини, но откако веќе настанаа штетите. Оправдување и некакво олеснување за градскиот татко беше што немало жртви, но имаше поплавени подрумски простории, дворови на куќи, магацински простории, подвозници и кружни текови, како и заглавени возила.
Градските власти и овој пат најдоа објаснување. Велат дека од страна на ЈП „Водовод и канализација“ континуирано се чистат 20.000 сливници и шахти на територијата на градот, а огромната количина дожд што наврна, била релативно брзо апсорбирана.
– За околу 40 минути, состојбата во градот се нормализираше. Споредено со минатото, екипите од јавните претпријатија, во кои беа вклучени 2.000 луѓе, беа на терен и брзо реагираа – појаснија од Град Скопје.
Оттаму образложуваат дека сливниците и шахтите и претходно биле исчистени, но огромната количина вода и листовите што навлегле во меѓувреме придонеле тие моментално повторно да се затнат.
Градските власти велат дека поради повторно најавените врнежи на дожд од страна на УХМР, ЈП „Водовод и канализација“ имало распоредено интервентни екипи на четирите критични места во градот: подвозникот кај булеварот „Србија“, кружниот тек ја ТЦ „Ист гејт“, подвозникот кај „Мавровка“, како и подвозникот меѓу Кисела Вода и Центар и дека ќе дејствуваат веднаш на самото место.
Притоа, апелираат дека нема потреба да паничат граѓаните, туку да внимаваат при природни непогоди и да знаат дека градските екипи се на терен. Потенцираат дека размислуваат за подолгорочни решенија, но не прецизираа за какви.
Од ЈП „Улици и патишта“ велат дека состојбата со поплавување на улиците не е случај само во главниот град туку и во другите градови во Македонија, бидејќи, како што нагласуваат, улиците се проектирани по стандарди за нормални временски услови, а во текот на завчерашниот ден врнежите биле исклучително обилни и со преголем интензитет во краток временски период, поточно временска непогода, ситуација што, како што истакнуваат, ретко се случува на нашите простори.
– Секако дека тука влијае и местоположбата на градовите, односно нивната поставеност во Скопската Котлина и пониските места се поизложени на собирање на таа атмосферска вода – оценуваат од претпријатието.
Додаваат дека санациите на оштетувањата на градските сообраќајници се тековна активност што ја вршат екипите секојдневно и се дел од Програмата за одржување на сообраќајниците, а се присутни бидејќи на нив влијаат временските услови, како и дотраеноста на материјалите што се користат при изградбата на коловозните површини.
– Нашите екипите повторно се дежурни на терен, како и во средата вечерта, и интервенираат на сите сообраќајници каде што е потребно, како на санација на вертикалната сигнализација така и на санација на семафорската опрема и светлосната сигнализација и ги враќаат семафорите во нормална работа – одговорија од ЈП „Улици и патишта“.
Во однос на собирањето на водата, велат дека ја презеле одговорноста, иако тоа, како што потенцираат, е во надлежност на ЈП „Водовод и канализација“. Притоа, информираат дека се набавени пумпи со поголем капацитет.
Инаку, според информациите на Центарот за управување со кризи, проблеми поради невремето имало кај кружниот тек во Бутел, на булеварот „Србија“ во Кисела Вода, кај ТЦ „Ист гејт“, кај „Мотоцентар“ и Цементарница, кај Железара, како и на улицата „Јордан Мијалков“ зад ТЦ „Дајмонд мол“. Вода навлегла и во подрумските и гаражните простории на МАНУ, како и во главниот хол и амфитеатарот. А биле забележани и паднати дрвја на повеќе локации во градот.
Инаку, од УХМР велат дека во текот на утрешниот ден се очекува променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд (над 15 л/м²), грмежи, засилен ветер (над 60 км/ч) и појава на краткотрајно невреме со град.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, со повремени врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд и појава на град.
– Локално, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 15 л/м²), електрични празнења, силен ветер (над 60 км/ч) и појава на град. Потоа ќе следува период на стабилно и сончево време. В сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер – наведуваат од УХМР.
(А. П.)












